Чулев: Кртови во полицијата го поткопаа ловењето криминалци и нарко дилери

Началници, полицајци, инспектори кој се е на платниот список на криминалните групи, па ги провалува акциите пред специјалците или интервентните тимови да настапат на терен. Во изминатиот период како да нема поголема акција на МВР, а претходно да не е издадена. Па така и поседната врзана за случајот во Александар Палас не го даде посакуваниот резултат. На 24 часа пред акцијата, главните босови на криминалните групи Грчец и Дуќанџик ја напуштија државата и заминаа за Шпанија, Косово и Србија, некои од нив се уште не се вратени. Сомнежот за “шпионите и јатаците на криминалните групи” сместени во МВР, вчера го потврди и министерот Наќе Чулев.

– Дел од раководниот менаџмент на МВР ангажиран во криминалистичката полиција е директно во спрега со криминалните структури, постојат неофицијални информации дека постои тарифа за држење кривични пријави во фиока, за уништување на средствата за извршување на кривично дело или за оквалификување на потешки кривични дела во полесни кривични дела, изјави Наќе Чулев, министер за внатрешни работи во техничката Влада.

Ова го наметнува прашањето што работела внатрешната контрола изминатиов период, за да ги отстрани кртовите во редовите на МВР. Ако се анализира извештајот на Внатрешна контрола објавен на сајтот на МВР, во првите 9 месеци забележително е дека воопшто и да нема “откривачка функција” на кривични дела, кај своите припадници па така се поднесени само 5 кривични пријави до ОЈО. Со измените на законот за ЈО и законот за судови се формираа и посебни одделенија кои ќе ги гонат полициските службеници кои ќе сторат КД а до таму, Внатрешна контрола испратила само 2 известувања за повреда на работниот однос кои се отфрлени од страна на обвинителот. Чулев вчера предупреди дека како разузнавач има сознанија и за мотивите на пасивно однесување на полициските службеници, кои со непревземање на дејствија дозволуваат да се случат кривични дела како и нивната поврзаност со политичката корупција.

– Причините за затајување на МВР ги лоцирам на неколку пункта – постои системска неволност, кај дел од структурите на власта за расчистување со криминалните структури во Република Македонија, од причина што дел од тие криминални структури беа директно надоврзани на поединци од власта и ги логистицираа во предизборниот меѓутоа и во постизборниот период, да не кажам дека беа некои вклучени и во коруптивни зделки со нив, рече Чулев.

Сознанијата што ги изнесе Чулев беа причина да реагира неговата заменичка во МВР, Славјанка Петровска, која преку соопштение порача дека сомнежите за евентуална поврзаност со криминални структури Чулев да ги пријавил во Јавното обвинителство, а не во интервјуа. Таа се пофали дека во време на владеењето на СДСМ, намален бил криминалитетот, разбојништвата, убиствата, жртвите од сообраќајни незгоди. Петровска не напиша ништо за акцијата во Грчец и Арачиново, по вооружената престрелка во Палас. Ниту зошто по големата акција во селата кои се поврзани со големите нарко дилери, од 32 ца приведени, само 1 беше изведен пред судија на претходна постапка и зошто до ден денес не се дозна што се случи со останатите приведени во Арачиново и Грчец.

Катерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста