Партиите молчат, чаршијата си ги крои листите- кои ќе бидат носители на пратеничките листи?

Изборите наближуваат, официјално се уште молчат сите, но во јавноста кружат имиња со кои партиите би трчале на овие избори. Поранешниот премиер Зоран Заев најверојатно ќе биде носител на пратеничката листа на владејачката СДСМ во четворка, а со повеќе имиња се лицитира околу тоа кој ќе му биде ривал од опозицијата. Како можно име од ВМРО-ДПМНЕ, се шпекулира и лидерот Христијан Мицкоски, кој сепак најави дека на овие избори можеби и нема да биде носител на листа, туку ќе биде шпицен кандидат за премиер. Лидерот на опозицијата го повика и Заев да прифати ваков модел, тој пак со фудбалски речник му порача дека ќе играл и шпиц и лево и десно крило, но доколку Мицкоски прифател една изборна единица.

-Ајде да воведеме во Македонија мандатар, односно носител на мандатот на идната Влада. Мандатар кој што практично ќе биде носител на кампањата која што треба политичките партии да ја спроведуваат, порача Мицкоски.

-Не шпицен и лево и десно крило ќе играм, какво крило сака такво, сака шпиц, шпиц. Што сака тоа ќе играм. Немам проблеми никакви, порача Заев.

Покристални изгледаат работите во единица. Според она што се шпекулира, таму би требало да се судрат Гордана Силјановска- Давкова од опозицијата, а три имиња се во игра од владејачката СДСМ, Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Мила Царовска. Партиската база е на страната на министерката за одбрана, но според информациите таму има влијателни поединци кој не симпатизираат. Мила Царовска, неофицијално стои подобро од Шекеринска на партиските анкети, а на картата на потпишаниот Преспански договор во игра влегува и Димитров кој пак не е член на партијата.

Во политичките кулоари се шпекулира дека во втората изборна единица ќе се судрат техничкиот премиер Оливер Спасовски од СДСМ и поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски. Во тројката пак би требало пак би требало да трчаат генералните секретари, Љупчо Николовски и Игор Јанушев.

Во игра за петката се Венко Филипче и Мила Царовска, доколку не биде ангажирана во првата изборна единица. Таму како можно име од ВМРО-ДПМНЕ се шпекулира техничката министерка за труд и социјала, Рашела Мизрахи. Инаку на изминатите избори листат во оваа изборна единица ја предводеше Антонио Милошоски, чие име повторно кружи во јавностакако едно од можните опции.

Во шестката како кандидат на опозицијата повторно циркулира името на Владимир Ѓорчев, а негов ривал најверојатно ќе биде актуелниот пратеник и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири. Ѓорчев традицинално ја предводи оваа изборна единица, но според она што се зборува во политичките кулоари моожно е и да има изненадување. Доколку Зекири пак отпадне на партиските анкети, тогаш за шестката се очекува да влезе во игра Шекеринска која има блиски односи со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста