Отпадот во Орман е опасен – Ќе има кривична пријава, најавија инспекторите
Сомнежите се потврдија. Отпадот кај скоски Орман е токсичен, покажаа лабараториските анализи што ги направи Државниот инспекторат за животна средина. Содржи 10 проценти олово, но и бакар, кадмиум и други тешки метали. За сите инволвирани во случајот досега се напишани една кривична и една прекршочна пријава, но во тек се уште неколку истраги што може да резултираат со нови санкции. Отпадот кој беше лоциран од општинскиот инспектор се трупал најмалку шест месеци, а во криминалната шема биле вклучени вкупно четири фирми и две физички лица.
- „Утврдивме дека на плац на две физички лица оставена е одредена количина на отпад кој потекнува од рецикал Еко-Старт Скопје, со А еколошка дозвола, лоциран на територија на општина Чучер Сандево. Отпадот е од оловни акумулатори“ – информираа од Државниот инспекторат за животна средина.
Рецикл еко-старт ќе добие кривична пријава за загрозување на животната средина и природата, како и забарана за работа од 90 дена. „Тах Мак“ пак, заработи прекршочна пријава и казна од 88.000 евра. Додека пак за другите инволвирани истрагата продложува, бидејќи сопствениците на парцелите изјавиле дека не знаеле што се складира на нивниот имот.
- „Иако постои меѓусебен договор меѓу Рецикл Еко-старт и сопствениците на парцелите на локација на приватен имот во Орман, несоодветно е транспортиран и складиран отпад кој потекнува од правниот субјект Рецикл Еко-старт, на локација која не е наменета за складирање на ваков отпад, односно нема добиено дозвола од МЖСПП што е казниво по закон. – Додаваат инспекторите.
Во меѓувреме, во Македонија постојано се создаваат нови депонии а надлежните со години се тркаат со времето да ги решат жешките точки. Таква е депонијата од илјадници тони Линдан во хемиската фабрика Охис во Скопје, индустрискиот отпад од топилницата за олово и цинк во Велес, депониите на Бучим и Лојане, рудниците за олово и цинк Саса и Тораница, Макстил во Скопје, Злетово во Пробиштип, како и термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Никола Цветкоски