Од први февруари настава со физичко присуство – нови рестриктивни мерки не се потребни
Министерството за здравство не попушта, и покрај апелите на Синдикатот за образование – учениците на први февруари, дефинитивно ќе седнат во училишните клупи. Министерот Беким Сали вели дека епидемиолошката состојба тоа го дозволува, а најави и скрининг меѓу учениците по случаен избор.
– Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент затоа што епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1 февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки, изјави Сали
Нови рестриктивни мерки не се потребни бидејќи имало опаѓање на бројот на заразени со корона вирус, но сепак е потребна кампања за вакцинација – посочи Сали кој денеска ја прими третата доза од ковид вакцината. За хаосот во државните установи каде не може да се најде термин за тестирање а граѓаните плаќаат и до 2000 денари за тест, упати апел до приватните лаборатории, да ги намалат цените.
– Се е под контрола. Нема потреба од дополнителни мерки. Во Косово се преземени порестриктивни мерки бидејќи епиделошкоската состојба почнала да се влошува и тоа е локална политика. Ние такви рестриктивни мерки немаме и засега нема потреба, меѓутоа секоја одлука е неделна. До следниот состанок на Комисијата за заразни болести нема да има потреба од нова мерка, но се надевам дека и граѓаните ќе бидат претпазливи и вакцинацијата ќе расте, изјави денеска Сали, одговарајќи на новинарски прашања.
Дека ќе има промени во составот на Комисијата за заразни Беким Сали најави уште пред неколку дена, но ни денес не откри кои имиња ќе се најдат во старо-новата Комисија. Најави и поголема транспарентност на Комисијата чија последна прес конференција беше пред девет месеци.
Адријана Алексиеска