Пендаровски најави дека се вклучува во преговорите, следниот месец оди во Бугарија

Македонија предолго чека пред портите на Европската Унија која во регионот има разнишан имиџ поради неотпочнување на преговорите на земјите од Западен Балкан и покрај сите напори – ваква порака упати шефот на државата Стево Пендаровски на долгата дискусија со Советот на амбасадори посветена на Западен Балкан. Претседателот се активира во изнаоѓање решение на спорот со Бугарија – најави средба со неговиот колега Румен Радев, но вели дека имаме работи и дома.

-Проширувањето во целина е де факто замрзнато неколку години наназад. Ако сме реални, треба да кажеме дека ЕУ се уште, за жал, е свртена кон внатре и има дебати како треба да изгледа иднината на Европа. Добар дел од надворешната политика моментно е прекоупирана со кризата во Украина, но потребен е посебен ангажман на Западен Балкан, истакна претседателот.

Дека предолго чекаме почеток на преговори за влез во Унијата ,признава и вицепремиерот за европски прашања.

„Важно е за нас одлуката за отпочнување на преговорите да биде донесена што поскоро, зашто резултатот од одлуката ќе има позитивно влијание врз политичките процеси, ќе значи дополнителен поттик за реформската агенда, резултатите, и генерално врз оптимизмот во општеството и на граѓаните, кои секако дека легитимно покажуваат сомнеж во остварливоста на нашата цел, членство во Унијата зашто долго време сме затворени во чекалната. Затоа сме уверени дека што поскоро почнат преговорите, тоа ќе биде подобро и за нас и за ЕУ“, рече Маричиќ.

Главната пречка се уште се несогласувањата со источниот сосед иако двете влади ги интензивираат средбите. Сепак, опозицијата и натаму се сомнева што точно се преговара и зошто Македонија после секоја средба прави отстапки.

– Од Османи е побарано да ги презентира во писмена форма одговорите коишто Македонија во декември минатата година ги дала до официјална Софија на нивниот т.н. план „5+1“, за да бидеме запознаени како пратеници за што се работи и дали таквите одговори се совпаѓаат и се во рамките на усвоената Декларација од македонското Собрание каде утврдивме заеднички национални позиции, изјави Милошоски, кој е пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир уште еднаш им порача на властите, спорот со Бугарија да се реши билатерално. Изнаоѓање на заедничко прифатливо решение веројатно би ставило крај на сагата поттикната од бугарското вето.

– Отворањето на преговорите ќе биде пресвртница за евроинтеграциите на државата. Ќе означи интензивирање на практичните напори на Македонија за усогласување со европското законодавство и стандарди. Многу од одговорностите ќе ги понесе Владата, но ќе бара и структурно и експертско вклучување во процесот на преговори, додека истовремено ќе се продолжи со реформите. Партиите од опозицијата ќе треба да продолжат со конструктивен придонес, особено преку работата во Парламентот, додека Собранието ќе треба да ја зајакне својата улога, како форум за конструктивна политичка дебата, особено за ЕУ реформската агенда, истакна Гир.

И другите странски амбасадори со слични ставови. Официјален Париз ќе се обиде да помогне Македонија што поскоро да ја одржи првата меѓувладина конференција, Германија останува посветена на евроинтеграцијата, но порача дека земјата мора да работи на владеење на правото и борбата против корупцијата.

Адријана Алексиеска

Advertisements