Нова црна статистика – тројца мртви, триесет новодијагностицирани со Ковид 19

Македонија ја надмина психолошката граница од 100 починати како последица од корона вирусот. Новата црна статистика на ИЈЗ покажува дека во последните 24 часа тројца пациенти ја загубија битката со Ковид 19, со што вкупниот број на починати во земјава се искачи на 101 лице. Сите тројца починале на Клиниката за инфективни болести. Меѓу нив, пациент од Велес на 58-годишна возраст примен на 12 мај, 57-годишен пациент од Тетово лекуван од 22 април и уште еден пациент од Тетово кој имал 78 години.

За едно деноноќие направени биле 426 тестирања, а регистрирани биле и 30 новодијагностицирани пациенти. Најголем број новодијагностицирани се од Скопје-11, Куманово-2, Прилеп-3, Тетово-6, Велес-5, и по еден од Битола, Охрид и Штип. Со ова вкупниот број на заболени се искачи на 1792.

8 пациенти во Македонија се уште се борат за живот и дишат со помош на респиратор.

На инфективна се лекуваат 47 пациенти. Таму четворица нови биле примени во последните 24 часа. Во ГОБ „8 септември“, пак, примени се 7 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани 19.

Инаку, според податоците на организацијата „Нашиот свет“, Македонија е лидер во регионот според стапката на смртност од Ковид 19. Во земјава, 5,6 отсто од пациентите со корона вирус ја изгубиле битката со болеста. Зад нас се Албанија, Косово, Србија и Црна Гора каде стапката на смртност се движи помеѓу 2 и 4 отсто.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста