Министерството за здравство дало зелено светло за фирмата на синот на Боро Стојчев на првиот ден од вонредната состојба

Министерството за здравство дозволило фирмата на синот на осудениот шверцер на цигари Боро Стојчев, да добие лиценца за одгледување канабис, и тоа на денот кога за прв пат од независноста во Македонија беше прогласена вонредна состојба. Бура реакции во јавноста предизвика одлуката на Владата фирмата ЕКО- ЕНЕРЏИ КОСМОС, каде управител е Перо Стојчев да добие дозвола за овој доста профитабилен бизнис.

На прашање од Алфа телевизија, околу овој случај, од Владата велат барањето пристигнало пред прогласувањето на вонредната состојба, односно на 21 февруари, а контрола во фирмата била направена на 18 март, кога претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба, а во Македонија ситуацијата со коронавирусот беше и повеќе загрижувачка.

-Постапувајќи по барањето Комисијата за оценување на исполнувањето на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, на ден 18.03.2020 година изврши увид во предложениот објект и заклучи дека, во однос на простор, опрема и кадар, се исполнети се условите за одгледување на канабис за медицински цели на ЕКО ЕНЕРЏИ – КОСМОС ДОО село Зубово Ново Село, и истиот ден е донесено Решение за давaње на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели за оваа компанија, велат од Владата за Алфа телевизија.

Инаку Стојчев, во јавноста стана познат, откако беше фатен и осуден за шверц на цигари, додека беше на функцијата градоначалник на општина Ново Село, каде дојде како кандидат на СДСМ.

Тој на 10-ти јули 2018 година заедно со уште четири лица беа фатени како пренесуваат 3.300 штеки цигари од марката „Калипсо“ вредни 3 милиони и 200 илјади денари, во близина на македонско- бугарската граница. Првичната пресуда за Боро Стојчев беше на 18 месеци затвор, за подоцна Апелација да му ја намали на половина година.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста