Никој не се грижи за гробовите на Илинденците од Битолско

Гробовите на битолски Илиденци, погребани веднаш зад олтарот на црквата „Света Недела“  во Битола, одделени со посебна ограда од градските светонеделски гробишта, заборавени и заробени во времето и просторот, полека се руинираат. Ова светилиште, каде почиваат величија и револуционери од Илинденскиот период- војводите Александар Турунџев, и Димко Николов, како и многу други знајни и незнајни патриоти кои за сонцељубието и македонштината ги положија своите животи, едноставно, како да не биле и како да не ни го оставиле николците на слободата и на македонскиот идентитет. Дури и големиот револуционер и гемиџија Павел Шатев, погребан е во обичен гроб кој сега се распаѓа.

Да  оддадеме почит кон нив, значи да се бориме за нашата светла иднина. Денес кога имаме слободна македонска држава и го живееме нивниот сон, за жал, нашиот однос кон сите овие места, можам да кажам дека е непристоен. Гледаме во каква ситуација се наоѓаат, дека се целосно заборавени и ако не постојат оние панихиди на кои што им оддаваме почит, за жал, можеби ќе бидат избришани од колективната меморија- рече битолскиот историчар Александар Јаневски.

Свештениците што служат во светонеделската црква и гробишта, велат дека овие гробови не се во нивна надлежност, но се разочарани што надлежните институции, досега ништо не направиле.

Не можм да се воздржам, а да не речам дека тие што се задолжени и ги избираме да се грижат за да живееме во слобода како што Господ благословил, но тие се грижат с`е што можат да продадат, па кога би можеле и овие мермерни камења, само нешто да заработа уште нешто повеќе. Тоа многу ми е криво, гледајќи дека с`е се запоствува- рече црковниот старешина во храмот „Света Недела“ – вели протојереј Стеван Здавевски.

Но, кој е надлежен и воопшто дали некој е надлежен за гробиштата на тукашните Илинденци? Наизглед, едноставно прашање, но излезе дека со денови треба да се лута по бирократските лавиринти на оваа власт и да се одгатнува нешто сосема едноставно. Во Завод и музеј Битола, ни рекоа дека не се надлежни за гробиштата иако од 1975 година имаат посебен реферат со околу 160 позиции за заштита на културното наследство, каде се споменува и Илинденскиот период, но и повеќе гробишта на освојувачите од Првата светска војна- француските, германските, српските и бугарските. Во Заводот за заштита на спомениците, како по обичај, на телефон никој не се јавува, а владиката Петар за надлежност не упати во Општината. Од ЈП „Комунлец“ кое стопанисува со градските гробишта, исто се прогласија за ненадлежни. Дека општата состојба на обезвреднување вирее на секаде, може да се види и од спомен- плочата за Илинденскиот период, поставена 1968 година  пред црквата, на која веќе се лепат некролози. Дури, во 2012 година за потребите на филмот „До балчак“ беа сквернавени неколку гробови и откорнати плочите.  И така, се нижат безброј вакви секвенци, а само малку треба да се потсетиме на една едноставна, но голема мисла за нашето простумење- Отаде си гале мој, откаде ти се гробиштата. Ги нема нив, ќе те нема и тебе.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста