Непланската урбанизација го уништува Тетово –градот го “кројат”, без да му земат мерка

Тетово живее во хаотична урбанизација и сообраќајна инфраструктура. Непланското урбанизирање изминативе години го задуши градот. Згради и големи објекти никнуваат буквално на секое ќоше,без запазување на основните стандарди.И ова како да не е доволно, огромниот комплекс кој ќе го гради контроверзниот бизнисмен, Миодраг Давидовиќ, на местото на Шик Јелак, тотално ќе го добетонизира Тетово.Нови близу 2000 станови, а има ли реална потреба од тоа.Познавачите стравуваат дека ова тешко ќе го поднесе градската инфраструктура,која и онака е речиси никаква.

Она што е најболна точка-тоа е неспремноста на нашата општина да инвестира во инфраструктурна инсталација, односно мрежа.Тука спаѓаат водоводот, канализацијата, струјата, сите други инсталациски подземни инфраструктурни објекти.Сведоци сме дека такво нешто во градот одамна не е направено,а не треба да заборавиме дека водоводната мрежа е катастрофална, огромни се загубите,канализационата мрежа не е доволно развиена и покриена-рече Валентин Тасевски-Градежен инжењер.

Отсуството на визија за планирањето во Тетово се должи на едноставна причина-градот речиси 20 години, нема донесено нов ГУП. А, како ќе му сошиеме некому одело, ако немаме мерки, прашуваат експертите.Општината буквално тапка во место околу оваа проблематика.

Генералниот план еве втора година веќе не е мрднат од мртва точка.Дадена е половична проектна задача,одржана е некоја си расправа и застанато тука.. втора година планот си стои, а градот има многу акутна, хронична потреба од негово донесување и саглам организирање на урбаниот простор-рече Валентин Тасевски-Градежен инжењер.

Познавачите се согласни дека мора итно да се донесе сериозна и сеопфатна студија и стратегија за урбанизацијата во градот.Оти вака велат, без никаква визија,Тетово ќе продолжи да се уништува,со се помалку можности, нешто да се спаси и поправи.

Милена Вучевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста