Нема договор за законот за јавно обвинителство

 

Нема договор за законот за јавно обвинителство по средбата на работните групи на политичките партии и министерката за правда Десковска. Опозицијата обвинува дека власта во законот не сака да вгради амандмани од забелешките на експертите од јавната дебата изминативе денови.

“Бидејќи не успеавме да се договориме чиј правен аргумент е посилен, одлучивме на министерката за правда да ѝ ги предочиме забелешките што експертите ги дадоа по однос на работната верзија за околу 25 члена. Од нив никој не го негираше концептот и структурата, но најголемиот дел од нив го оценија како нецелосен и фаличен и како текст кому му треба големо подобрување за да можеме да имаме ефикасен закон за јавно обвинителство”, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако опозицијата укажува на ставовите на експертската јавност министерката Дескоска бара до утре до 12 часот да бидат доставени амандмани. Дел од забелешките на дискусијата биле прифатливи.

“Од ВМРО-ДПМНЕ не дадоа сопствени амандмани туку прочитаа забелешки кои наводно излегле од јавната расправа и се повикуваат на членови од искажувањата на правните експерти. Ние отворивме дури и дебата за толкувањето на определени ставови на експертите и видовме дека има различно читање на одредени ставови”, изјави Дескоска.

Од ДУИ пак бараат десетте амандмани кои претходно биле усвоени на комисиска расправа да бидат вградени во законот, да има доследна примена на законот за јазиците и рамноправна застапеност на заедиците во обвинителството.

“Изразивме жалење за тоа што 10 амандмани што беа прифатени на седница на Комисијата за европски прашања по овој закон не се инкорпорирани во последниот нацрт-закон и се надеваме дека ќе бидат дел од него”, изјави Артан Груби од ДУИ.

Доколку не биде постигнат компромис на сите партии можно е законот да биде пуштен во собраниска процедура и без поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Осумте независни пратеници се една од опциите на власта за обезбедување двотретинско мнозинство.

Градимир Марковски

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста