Над 3.000 семејства минатата година не ги добиле парите што им следуваат на пензионерите како посмртнина

Повеќе од 3000 семејства на починати пензионери не добиле надомест за посмртнина – солидарниот фонд кој се полни од пензионерите секој месец – испразнет, податоците од Заводот за ревизија покажуваат дека многу семејства минатата година останале без посмртна помош за починатите, бидејќи во фондот недостигале уште 1,6 милиони евра.

Согласно добиени информации од Фондот во текот на 2021 година заклучно со месец октомври извршени се исплати во вкупен износ од 416.550.000 денари, при што поради зголемената стапка на смртност како резултат на тековната пандемија останале неисплатени уште 3.355 барања за исплати во вкупен износ од 100.650.000 денари (1,6 милиони евра н.з.) како резултат на недостаток на средства – стои во извештајот од Заводот за ревизија.

Им ја намалија посмртнината на пензионерите од 30 000 на 25 000 и им го покачија учеството во солидарниот фонд од 120 на 150 денари за месец, но залудно, и натаму недостигаат пари во солидарниот фонд.

„Со оглед на тоа што висината на задршката е еднаш веќе зголемена од 120 на 150 денари, потребно е да се пронајде извор на приходи кој нема да ги оптоварува нето пензиските примања, особено на најзагрозените категории на приматели на пензии“, забележале ревизорите – стои во извештајот од Заводот за ревизија.

Надлежните се правдаат дека поради зголемената смртност кај оваа група граѓани, трошоците за посмртнина биле поголеми, но уверуваат дека заклучно со јули, ќе бидат обесштетени сите семејства, односно посмртнината ќе изнесува 30.000 како и претходно. Оваа одлука инаку ја донесе Сојузот на здруженија на пензионери, а без претходна најава беше објавена во Службен весник.

Нема доволно средства во солидарниот фонд за исплата на посмртна помош за членовите на семејството на починатиот пациент, заради што, со пандемијата, бројот на смртност  се зголеми за повеќе од 50 %. Членарината во овој фонд пензионерите ја плаќаат доброволно, и сега изнесува 150 денари. но тоа е времена мерка.  Времена мерка е и намалената посмртнина на 25.000 денари и ќе трае до јули – вели Ментор Ќоку од Сојуз на здруженија на пензионери, одбор за Солидарен фонд.

Од Фондот за пензиско осигурување пак, се прогласија за ненадежни, бидејќи Солидарниот фонд бил независно тело од институцијата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста