Националните телевизии бараат кабелските оператори да го почитуваат законот

Крајно неодговорно е во време кога земјата очекува датум за старт на преговорите со ЕУ, а во исто време се подготвува за предвремени парламентарни избори, кабелските оператори на граѓаните да им се закануваат со медиумски мрак, алармираат од Македонската медиумска асоцијација, каде членка е и ТВ Алфа. Гарантираат оти во програмата што ја зрачат се почитуваат авторските права.

„Зошто ние не се плашиме, зошто ние не се заканиме дека ќе исклучиме програма? Некој очигледно пиратира и сака да продолжи да пиратира и се заканува на јавноста дека ако не му биде дозволено да пиратира и да врши криминал дека тогаш ќе затемни и ќе влезе во информативен мрак“, вели првиот човек на ММА, Атанас Кировски.

Клучниот проблем е во нелојалната конкуренција. На пример за странски филм Алфа ги плаќа сите права и обврски за да го емитува, додека операторите кои ја пренесуваат Алфа го прават тоа без никакви обврски. Оттука националните телевизии прашуваат – дали е во ред надлежните да им дозволуваат на телекомуникациските мрежи да пиратираат програма, додека медиумите се борат да опстојат на пазарот? А за да биде уште поедноставно, дали земјите од ЕУ би дозволиле на пример телевизија да купи филм од некоја од нив, па со македонски превод или синхронизација да се реемитува на нивниот пазар?

„Тие кабловски оператори вклучително и најголемите, едниот германски, другиот австриски, на кои претпоставувам не им паѓа на памет такво нешто да направат во домицилните држави, во Германија и Австрија ќе имј стават клуч. Се прашувате ли вие како ние опстојуваме на пазарот, конкурираме, никој од нас нема под 125-130 вработени“, вели директорот на Алфа ТВ, Јани Бојаџи.

Од Сојузот на стопански комори алармираат – најавата на кабелските оператори за прекин на реемитување на домашни и странски канали негативно ќе влијаела врз бизнисот.

„Доколку операторите сакаат да ги прекинат услугите кои што ги имаат доставено и потпишано во договорите со своите корисници, за истото треба однапред да ги известат и ако треба да ги раскинат договорите, а не да не фактурираат за услуга за којашто склучиле договор дека не пречено ќе им ја снабдуваат“, вели Данела Арсовска од ССК.

Од ММА апелираат – сите чинители да ги почитуваат авторските права и правата на интелектуална сопственост предвидени со Законот за аудиовизуелни медиумски услуги, кој според нив бил донесен уште во Декември 2018-тата. Бараат и оставка од првиот човек на АВМУ, Зоран Трајчевски поради лажните изјави дека законот е донесен во нетранспарентна и брза постапка.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста