Пациентката кај која постоеше сомнеж дека е заразена, нема Коронавирус

Втората жена за која постоеше сомнеж дека е заразена со Корона, го нема вирусот, информираа од Министерството за здравство. Пациентката е една од двата случаи кои се тестираа на Инфективната клиника во Скопје. Првичното тестирање на жената која се вратила од патување од Рим дало делумно позитивни резултати, по што и се направило дополнително тестирање.

– Жена којашто со сопругот била на кратка прошетка во Рим се јави на Инфективната клиника. Нејзиниот тест во една третина, само парцијално е позитивен што може да биде вкрстена реакција од други вируси и затоа сега се прави дополнително тестирање на широка палета на вируси, да не шпекулираме иако верувам дека и овој тест ќе биде негативен, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Во моментов веќе хоспитализираната 50 годишна пациентка која со комбе допатува од Милано е единствениот регистриран случај во Македонија заразен со КОВИД 19. Останатите патници од комбето се ставени во изолација во домашни услови, а изолација е во тек и за сите лица со коишто направиле контакт.

– Телефонски се исконтактирани сите и им е укажано дека треба да почекаат денеска во утринските часови да бидат контактирани како од екипите на епидемиолози така и од припадниците на Министерството за внатрешни работи. Кај дел ова интервју е веќе завршено, дел се врши сега, во овие моменти. Добро е тоа што сите укажуваат на тоа дека немале контакт со голема маса на луѓе, пред сè контактите се во рамките на семејствата и тоа во куќите во коишто живеат или во истите дворови. На сите нив, исто така, ќе им биде назначена изолација, додаде министерот.

Претставници на Министерството за внатрешни работи прават проценки дали можат да ги обезбедуваат објектите во коишто се изолирани во домашни услови патниците и лицата со коишто контактирале. Доколку утврдат дека има тешки услови за обезбедување, лицата ќе бидат пренесени во некое од инфективните одделенија наменети за изолација на сомнителни пациенти на Инфективна, а доколку има потреба во одделенијата во Штип и Гостивар.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста