На обвинителката Вилма Рускоска, во 5 до 12 и текна, да го менува обвинителниот акт во судењето за „27 април“
Неочекувано, на завршните зборови, обвинителката Вилма Рускоска рече дека направила измена во обвинението за „Организаторите на настаните од 27 април 2017та година“. Рускоска, на самиот крај, реши да го збогати обвинението со измените со кои вели дека поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, ги организирале протестите, чија цел била, по секоја цена да се спречи изборот на нов претседател на Собранието.
Русковска, во завршните зборови рече дека по насока на поранешниот премиер, тие биле организатори на протестите, а не како досега, дека само контактирале со општинските комитети.
- На јавноста да ѝ биде јасно, не е комплетно изменето обвинението. Има измена само во дејствијата на обвинетите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Тие измени се направија затоа што произлегоа од главната расправа, односно од одбраната на обвинетите. Обвинителството има неспорни докази дека тие од првиот момент се едни од главните организатори на протестите на „За заедничка Македонија“, а сето тоа за да се оневозможи избор на претседател на Собранието. И не ми е јасно зошто одбраната бараше одлагање на завршните зборови. Материјалните докази, СМС пораките беа сите изведени на главната расправа – вели Русковска.
Одбраната не се согласи со обвинителката дека ова се мали измени во обвинението. Адвокатите сметаат дека обвинетите немале можност да се изјаснат во однос на новите тврдења на Обвинителството.
- Оваа измена на обвинителниот акт е само пораз на истрагата и Обвинителството и сето она што го правело во текот на истрагата. Одбраната успеа да докаже дека тоа што им се ставаше на товар од дејствија паднаа во вода и затоа сега обвинителството оди со сосема нови дејствија за кои одбраната ниту се произнела ниту понудила свои докази. Затоа, сметам дека ова е триумф на одбраната. Сега имаме сосема нови дејствија, организирање на протести- рече Еленко Миланов – адвокат на одбраната.
Завршните зборови на адвокатите и обвинетите судот ги одложи за 6 и за 12 јули.
Викторија Миткова