Заев не беше расположен за изјава: Премиерот без одговор за ставот на Црвенковски за Бугарија

Премиерот Зоран Заев реши да одбегне да одговори околу последната изјава на неговиот ментор и основач на СДСМ Бранко Црвенковски околу спорот со Бугарија. Тој обраќајќи се кон поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев, потенцираше дека македонскиот јазик постоел многу пред тоа што го тврдат Бугарите, а ја спомена и нивната улога во Втората светска војна.

Ваквите зборови на поранешниот прв човек на СДСМ, кој беше и премиер и претседател на Македонија, се дијаметрално спротивни од ставот и постапките на Заев, кој попушти пред се што Бугарија побара. Премиерот се појави во јавноста но реши да не дава изјава пред медиумите, кои меѓу другото сакаа да го прашаат и околу изјавата на Црвенковски во Сараево.

-Јас мојата реакција на изјавата на претседателот Плевнелиев, ќе ја почнам на македонски јазик, тоа не е случајно. Тоа е мојот мајчин јазик, јазик на кој говорел мојот татко, мојот дедо и дедото на мојот дедо. Значи неколку генерации пред мене, кои што биле родени и живееле пред да се родат Јосип Броз Тито и Сталин. Тоа што Бугарија во текот на Втората светска војна од 1941 до 1945 да го постигне со оружје и воени средства денеска сака да го постигне користејќи го нејзиното членство во ЕУ и правото на вето за носење одлуки, изјави Црвенковски во Сараево.

Црвенковски речиси и да не се појавува во медиумите, ова му е прв пат да каже нешто по ноември минатата година, но и тогаш и сега го искажува незадоволството од потезите на Зоран Заев. Во ноември тој го замрзна членството во партијата, поради како што пиша во отвореното писмо ставот на власта во однос на спорот со Бугарија.

-Се обраќам до вас, почитувани сопартијци, за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата, вели Црвенковски.

Покрај Црвенковски, Заев ја нема целосно поддршката кај таканареченото скопско крило на партијата. Веќе подолго време со сериозни критики кон работата на Заев е поранешната шефица на скопскиот огранок на партијата, Софија Куновска. Дека треба да се слушне гласот на Црвенковски порача и градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ. А Заев не е во најдобри односи ниту со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста