МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи на почетокот од октомври

По минатогодишното неодржување на МТФ „Војдан Чернодрински“, а кој подолго од половина век, традиционално се одржуваше на почетокот од месец јуни, ланското 55-то издание, ќе се одржи годинава, на почетокот од октомври. Ова е одлуката на Советот на Фестивалот кој, по едногодишна пауза, конечно се состана дури минатава седмица. Право на учество ќе имаат сите професионални театри од земјава, кои се членови на Собранието и кои со насловот на претставата со која планираат да настапат, ќе треба да се пријават најдоцна до 30-ти август. Според уметничката директорка на Фестивалот, Катерина Коцевска, заради пандемијата, но и заради финансиската ограниченост, ова поместено издание на МТФ, ќе претрпи и извесни отстапки од вообичаената програма.

  „Донесена е одлука претстави од типот монодрами и дуодрами да не се пријавуваат за учество во официјалната програма. А додека во придружната програма, учество ќе имаат само дипломските претстави од ФДУ и ЕСРА. Нема да бидат селектирани претстави кои се од независната продукција, или од ад хок групи. Добитниците на наградата за животно дело ќе бидат познати на почетокот од септември кога ќе биде соопштена и официјалната програма за 55-от МТФ „Војдан Чернодрински“, -соопштува уметничката директорка на МТФ, Катерина Коцевска.

Минатата година, освен заради познатите состојби со пандемијата, одржувањето на Фестивалот во традиционалниот период, беше оневозможено и од причини што македонските театри,  со почетокот на Корона-кризата немаа продукција на претстави, што пак, е еден од условите за учество на Фестивалот. Друг проблем беше и незаинтересираноста на компаниите за спонзорства во културата, односно во театарот, бидејќи беа фокусирани на справувањето со личните економски загуби.

Инаку, МТФ „Војдан Чернодрински“, кој е единствен од тој тип во земјава и чиј домаќин е Прилеп, годинава требаше да го прослави 56-от роденден. Во изминатите пет и пол децении од своето постоење, Фестивалот се издигна на едно високо ниво, а голем дел од претставите кои се прикажуваат во негови рамки, добиваат бројни меѓународни признанија.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста