Крои ли власта „свилен гајтан“ на Наќе Чулев

Продолжен полициски час, политичка или здравстена одлука. Владата  тактизираше до самиот крај, колку време ќе трае полицискиот час за продолжениот викенд. Како владеачката СДСМ да сака да го матира министерот за внатрешни работи Наке Чулев, единствениот претставник на опозицијата во техничката влада. Од далеку се наѕира реториката која ќе ја искористат против него – непочитувањето одлуки и неактивирање на полицијата бара одговорност.

Полицијата мора да постапува кога има прекршување на полицискиот час, од друга страна пак, забраната за движење се коси со одлуката на власта дека веќе од вторник ќе отвора кафулиња и ресторани, односно ќе ги намалува рестриктивните мерки кои ги спроведува поради пандемијата. Оттука се поставува прашањето што може да се смени за неполно деноноќие.

ИВЗ донесе протокол дека за Бајрам ќе има верски обреди во џамиите, а премиерот Оливер Спасовски порача дека нема верски лидер, функционер или институција што се посилни од државата. Врелиот костен е во рацете на Чулев, кој е пред свршен чин или полицијата да интервенира или да поминат без казни оние што нема да ја почитуваат уредбата за ограничено движење. Со првата одлука би го насобрал гневот на верниците, втората пак е веќе позната, Спасовски ќе бара одговорност од Чулев, налик на реториката од 9 мај, по одржаната литија во Струга за што вината беше префрлена токму на министерот за внатрешни работи.

Остра реторика на премиеорот кон министерот не изостана и денеска кога му порача дека полицијата постапувала недоволно во спроведување на мерките во ек на пандемијата, а тука играла улога и политиката. Техничката влада скоро секогаш е глува за уредбите на Чулев, или се одложени или не се прифаќаат, па дури и таа за награда на вработените во МВР во висина од по 15.000 денари, за што власта на СДСМ, не дава пари.

Катерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста