Ковачевски точно напладне го достави предлогот за новата Влада до Парламентот
Мандатарот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски го скрои новиот владин состав. Во неговиот тим влегуваат – пратеничката Славјанка Петровска – предложена e за министерка за одбрана , која во техничката Влада беше заменик-министер за внатрешни работи. Поранешната пратеничка Славица Грковска, која сега е во меѓународна ИТ-компанија, ќе ја преземе вицепремиерската функција за борба против корупцијата. На местото на Јагода Шахпаска во МТСП доаѓа досегашната директорка на Државниот инсепкторат за труд, Јована Тренчевска. Ирена Стефоска во Култура ќе ја замени пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска. Која јавноста ја запамети по тоа што прва во скафандер гласаше во Собранието додека беше ковид-позитивна. Министерството за правда ќе му припадне на непартиски кадар, Никола Тупанчевски, долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје. Во новата влада останува досегашниот министер за правда, Бојан Маричиќ, но ротира на вицепремиерско место во Секретаријатот за европски прашања, односно на позицијата на Никола Димитров.
Љупчо Николовски, се враќа на старата фотелја во Министерството за земјоделие, тој на оваа функција беше од 2017 до 2019 година.
Од старите кадри на СДСМ, досегашните позиции во Владата ќе ги задржат тројца министри… Фатмир Битиќи ја продолжува својата функција за вицепремиер за економија.Оливер Спасовски останува на чело на МВР и Благој Бочварски кој порано беше потпретседател на владејачката партија, а едно време беше и градоначалник на Штип продолжува да раководи со транспорт и врски. На својата позиција ќе остане и Горан Милевски од ЛДП. Од новиот состав Ковачевски, очекува максимално посветена работа во интерес на граѓаните и остварување на ветеното.
„Во однос на кадровските решенија во новата Влада, сметам дека се луѓе кои имаат професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството. Луѓе кои веруваат во еднаквоста и солидарноста, кои се борат за правата на ранливите, а правичноста е нивна карактерна особина. Станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација во своите ресори“, рече Ковачевски.
ДУИ останува со истиот кадровски состав во Владата со тоа што Јетон Шаќири ќе се пресли во образование. Алтернатива влегува во здравство со Беким Сали додека Алити и Чупи ќе ги водат министерствата за администрација и она без ресор задолжено за дијаспора.
Ања Василева