Франција ќе ја следи временската рамка на Софија околу блокадата

Франција ќе ја почитува рамката од шест месеци за постигнување на решение која ја постави новата бугарска влада, открива висок дипломатски извор од Брисел за МИА. Според истиот, француското претседателство барало начин како билатералниот спор да биде затворен овој семестар,а досието на Македонија и Албанија да биде деблокирано.

-Сега со новата бугарска влада се чини дека има пат кој може да биде дефиниран. Самата влада рече дека ќе треба неколку месеци, мораме да се впишеме во оваа рамка, но истовремено владата отвори перспектива и таа може да остави надеж дека се можни резултати пред крајот на овој семестар. Тоа е тоа што ќе се обидеме да го поттикнеме во улога на претседателство, и тоа би било добра вест ако досието на Македонија, и со тоа на Албанија, бидат деблокирани, и да можеме да ја примениме новата методологија, изјави овој висок дипломат од француското претседателство за МИА.

И додека Брисел најавува почитување на бугарските ултиматуми, македонскиот мандатар Димитар Ковачевски очекува конкретен однос со бугарскиот премиер Кирил Петков кој следната недела доаѓа во Скопје. По стапките на на неговиот претходник Зоран Заев  и Ковачевски најавува пријателски однос и нема да прави отстапки  околу тоа – дека сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик, и имаат посебен идентитет.

Опозициската ВМРО –ДПМНЕ пак реагира дека Ковачевски и специјалниот претставник на владата Владо Бучковски немаат никаков легитимитет да разговараат и преговараат со Бугарија.

-Лажно оптимистички изјави не му се потребни на македонскиот народ, потребна е дипломатска спремност, кадарност и решителност во преговорите, нешто што СДСМ преку пиунот Ковачевски и специјалниот претставник Бучковски не го поседува. Република Македонија има Резолуција изгласана во Собранието и од тоа никој никогаш не смее да отстапува. Со Ковачевски и Бучковски во тоа не сме сигурни“, посочи Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија ќе биде и во фокусот на Советот за безбедност кој го свикува бугарскиот шеф на државата Румен Радев . Иако ќе бара совети од државниот врв, Радев е дециден дека додека не бидат исполнети шесте барања не може да има некаков напредок во тргање на ветото.

Сепак одлуката сега да го свика Советот наиде на остра реакција од поранешната министерка за надворешни Екатерина Захариева. За неа Македонија не е приоритетот за која треба да се занимава Бугарија во овој момент.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста