Ковачевски: Енергетската криза, економијата и идентитетот во фокусот, Николоски: Ова е континуитет на корумпираната власт на Заев

Следува пеколен период – новата влада ќе се соочи со гневот на народот –ВМРО-ДПМНЕ со остри критики за владата на Ковачевски која според опозицијата нема легитимитет и ќе биде континуитет на политиките на Зоран Заев. Низа обвинувања, жестоки критики, ветувања – го одбележаа првиот ден од расправата во Собранието за предлог владата на мандатарот Димитар Ковачевски.

Денес имаме влада без легимитет, влада на стари ликови, на континуитет која не може да се покаже како нова, а клучните ресори ќе ги водат истите луѓе. Оваа влада не може да понуди нови политики, затоа решение се предвремени избори – нагласи Николоски.

Наследникот на Заев, Димитар Ковачевски ја бранеше владината програма пред народните избраници – најави фокус кон економијата, справување со енергетската криза, реформи во правосудството, евроинтеграциите, решавање на спорот со Бугарија. Вети дека за идентитетот, нема и не смее да се преговара.

Никој не смее да преговара за идентитетот. Историјата ќе ја оставиме на историчарите – изјави мандатарот Димитар Ковачевски.

И албанската опозиција упати критики кон досегашните политики на владејачката коалиција.

Нема одговорност за трагедијата во Бугарија. Министрите кои беа надлежни, се уште се на функција – рече Халил Снопче од Алијанса за Албанците.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, истакна дека партијата целосно го поддржува новиот владин состав а веруваат и дека ќе се оствари ветувањето за прв албански премиер во последните 100 дена. Пратеникот од ДС, Павле Трајанов пак коментирајќи ја програмата најави силна и бескомпромисна борба против криминалот и  корупцијата. Расправата за новиот владин состав продолжува утре, а новата влада согласно собранискиот деловник мора да биде изгласана најдоцна до недела на полноќ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста