Нема нови странски инвестиции, власта се уште се фали со оние од времето на опозицијата
Странските компании кои работат во слободните зони лани оствариле рекорден извоз – над 3 милијарди евра. Во моментов во зоните работат над 14.000 луѓе. Според надлежните фокусот во иднина ќе биде подеднаков раст и на платите и на продуктивноста.
- Во фаза на преговори се дополнителни околи 300 милиони евра со планирани 1.500 нови вработувања. Имаме три доста сериозни вкупни инвестиции во делот на енергетиката кои се преговараат во рамки на Законот за стратешки инвестиции каде што дирекцијата има носечка улога, вели Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.
Најголем дел од овие капацитети кои го билдаат македонскиот извоз, се компании кои во земјава влего во времето на претходната власт кога и се промовираше концептот на слободни зони. Првиот човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски, се правда дека допрва ќе имало инвестициски бум.
- Овие бројки јасно укажуваат дека економијата не само што го надмина пандемискиот период туку бележи серозен раст. Очекувам трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што дел од компаниите со кои потпишавме договори годинава веќе ќе започнат со производство и работа, така што очекувам и сегашното рекордно ниво да биде надминато веќе во 2022, изјави Деспотовски.
Сепак бомбастичните најави од пред неколку години – дека во Македонија ќе дојдат „Гугл“, „Фејсбук“ и „Мајкрософт“ и други мега корпорации останаа само тоа, најави.
Според анализата на ТИРЗ што денеска ја презентираше тој, бројот на вработени во ТИРЗ е нешто над 14.000 што е за 8,1 отсто повеќе отколку во 2020 година. Очекува да продолжи трендот на пораст на бројот на вработени во ТИРЗ и во тековната година, како и да се зголеми просечната плата од сегашните 480 евра на 843 евра во 2025 година.
Но, и за оние компании кои и влегле во земјава нема податоци какви субвенции добиле. Во изминативе три години не се објавени детали за државната помош.
Борис Грујоски