Коронавирусот се приближува,но се уште не ни влегол дома – патникот од Дубаи негативен на тестот

Негативни се резултатите за корона вирусот на патникот од Дубаи кој утрово беше хоспитализиран на Инфективна клиника. По шест часа неизвесност, се потврди дека лицето кое беше примено со симптоми на грип, сепак нема корона вирус.

„Вториот случај кој го тестиравме на коронавирус е негативен. Станува збор за патникот кој е дојден од Дубаи по шестдневен престој таму. Станува збор за инфлуенца тип Б“,  изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Синоќа на Инфективната клиника беше примен и  италијански државјанин кој се пожалил на стомачни проблеми, но и за него тестовите за коронавирус беа негативни.

“Сите кои доаѓаат од критичните региони да се придржуваат до препораките во упатството и доколку почувствуваат некои од симптомите, да не се шетаат низ здравствените установи, туку да се јават на телефоните за Институтот за јавно здравје“ –  истакна Филипче.

Во меѓувреме, коронавирусот со голема брзина се шири низ Европа, а стигна и на Балканот. Хрватска и Австрија денеска ги потврдија првите случаи на заразени. Од Европа, според досега потврдени случаи има 16 во Германија, 12 во Франција, 13 во Обединетото кралство, тројца во Шпанија и по еден во Белгија, Шведска и Финска.

И додека коронавирусот сее страв  низ светот, Американска компанија тврди дека има вакцина против заразата. Проблемот е во тоа што оваа вакцина ќе биде тестирана врз луѓе дури во април, а би можела да се најде на пазарот во текот на летото.

Ања Василева 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста