Короната удри и врз културно – уметничките манифестации

Пандемијата со корона вирусот удри и врз културните манифестации во земјава. Дел од нив се одржуваа во сосема поинакви услови, дел се откажаа или презакажаа за периодот после корона кризата, за која за сега не се знае кога ќе заврши.

Струмичкиот карневал по повод празникот Прочка беше меѓу првите традиционални настани кои делумно се откажаа откако пандемијата со Ковид – 19 зема замав и во Македонија. Требаше да започне последните денови од февруари и да трае до 4 март, само мал дел од содржините се одржаа согласно препораките за заштита од вирусот.

Театарскиот фестивал “Војдан Чернодрински” во Прилеп кој требаше да се одржи во средината на  јуни, традиционално по 55 пат, беше одложен, а неофицијално, презакажан за месец септември.

Културната манифестација „Скопско лето” која 40 години традиционално се одржува на 21 јуни, оваа година започна на 6 јули, под посебни протоколи за организација на јавни настани донесени од Владата.

Најголемиот настан во Малешевијата „Фестивал на дувачки оркестри“ кој се одржува во Пехчево, е откажан и нема да се одржи оваа година.

47та “Галичка свадба”, која традиционално започнуваше на 12 јули, се одложи. Од Месната заедница Галичник информираа дека будно ја следат состојбата и се надеваат дека оваа манифестација ќе се одржи наскоро. Доколку дозволат условите, можно е да се закаже на 28 август.

60 јубилејно издание на „ Охридско лето“, ќе започне на 4 август. Програмата ќе оди во живо, со почитување на протоколите од Комисијата за заразни болести.

Струшки вечери на поезијата оваа година беа дел од виртуелната поетска иницијатива во организација, која се одржа преку видео обраќања.

Со месеци, во македонија не е одржан ниту еден концерт на домашни или странски музичари, а откажан е и големиот фестивал на отворено “Охрид Kолинг”.

Адријана Алексиеска

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста