Ќе се претвори ли струмичката касарна во нова населба?

Вака изгледа најголемиот објект од старата касарна во Струмица по пожарот кој се случи пред десетина дена. Пламените јазици целосно ја пеплоса кровната конструкција. Комплексот каде што се лоцирани повеќе од десетина напуштени објекти во кои во времето на ЈНА имало околу 3000војници се постојана мета на крадците и вандалите. Извадено е речиси се што било вредно-кабли,мермерни плочки, па дури и паркетот.

И додека овој комплекс е оставен на забот на времето, до него како печурки по дожд, никнуваат нови. Се гради градинка, а на само стотина метри одалеченост можат да се видат штотуку изградени, но и згради во изградба. Ваквото брзо развивање на овој дел од градот, отвара сомнеж, дека некој намерно ги пали напуштените објекти коментираат струмичани.

Отварање на Град во градот,токму на оваа локација е проект кој уште во 2014година го промовираше тогашниот градоначалник на Струмица, Зоран Заев. Покрај неколкуте веќе изградени станбени објекти, во напуштената стара касарна требаше да никнат ресторанти и студентски домови. Проектот не е реализиран затоа што касарните Општина Струмица во владение ги доби во 2018, објаснуваат од локалната самоуправа.

И по шеест години од најавата струмичките власти остануваат на ставот, дека овој објект ќе биде наменет исклучиво за образование.

Според Генералниот и Деталниот урбанистички план овој објект ја има намената В1 – образование и согласно тоа ќе биде реновиран за такви цели. Во тек е изработка на идеен проект за ученички дом. –се вели во одговорот на прашањето што ќе прави општината со овој објект.

За само еден месец во комплексот старата касарна избувнаа два пожари. Претхдно се запали зградата на поранешен Инкубатор каде што целосно изгоре ТВ Вис и една конфекција, а голема штета претрпе и печатница. Истрагата и за двата случаи ја води Основното јавно обвинителство во Струмица.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста