Кафулињата остануваат затворени – неделава се отвораат шопинг моловите, одлука за полициски час нема

Бројот на ново заболени повторно спласна, па специјалистите од Комисијата за заразни болести омекнаа – договорија предлог за олеснување на мерките за спречување на ширењето на корона вирусот. Предлагаат уште неделава со работа да почнат испитните центри, авто школите, центрите за едукација и обука и шопинг моловите. Ќе се дозволи и одржување на спортски тренинзи на отворено, а со работа ќе може да почнат и обложувалниците, но само со шалтерска работа, без послужување.

Комисијата за заразни болести со став – се уште не е време за олеснување на полицискиот час. Министерот Филипче вели, рестрикцијата за движење која се уште е на сила, засега дава добри резултати.

„Засега не размислуваме да го скратиме, бидејќи сметаме дека уште една таква мерка ни треба. Сега кога веќе спласнува се треба да се издржи уште малку“, вели министерот.

Работата на кафулињата, рестораните и другите објекти каде се служи храна, ќе бидат на дневен ред следната седмица. Тие и оваа недела остануваат затворени. Во последната фаза пак, ќе се одлучува за враќање на работа вработените во казината и автомат клубовите, фитнес центрите и хотелските објекти. Тоа според надлежните би можело да се случи после две недели.

Во меѓувреме, на сила остануваат сите уредби за заштита од ширење на вирусот, како што се одржување на социјална дистанца од најмалку две метри и носење на заштитни маски.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста