Јени џамија во Битола ќе ги поврзува христијанството и исламот

Јени џамија во Битола, вистинска архитектонска убавица на балканските простори од 16 век, заштитена со закон и претворена во музеј со уметничка галерија, последниве години воопшто не е во функција бидејќи таму се вршат повеќе конзерваторнско- реставраторски  работи, внатре и надвор. Со археолошкиот проект “Убикација на средновековна Битола“ кој трае 18 години, пронајден е сакрален верски објект – црквата “Свети Ѓорги“ со 44 христијански гробишта и повеќе артефакти во временски опсег од седмиот до петнаесеттиот век. Носител на археолошките истражувања е вишиот кустос Слободан Стојковски.

– Овој археолошки локалитет е доказ за полеогенезата на Битола, а истовремено ги поврзува двете религии- христијанството и исламот. Овде се искрите на средновековна Битола и од тука произлегува денешниот град Битола и затоа сметам дека е еден од најзначајните локалитети што е откриен последниве десеттина години. Локалитетот заслужува туристичка валоризација и заслужува конзервација и презентација, не само од својата археолошка туку и од историска гледна точка –  рече Слободан Стојковски, виш кустос и стручен соработник за средновековна археологија.

Сепак, реставрацијата на ѕидното сликарство е во клинч помеѓу оптимизмот и неверувањата.

– Минатата година се започна со конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во тремот на Јени џамија и се надеваме дека годинава ќе се заврши комплетно со тој дел на објектот- вели директорката д-р Мери Стојанова.

–  Реставрацијата што се прави во Јени џамија е тотално спротивна на Законот за културното наследство. Во Битола нема ниту еден стручен кој би можел да направи реставрација и конзервација оти во Завод и музеј нема ниту еден професионален археолог- рече исламскиот теолог Плуми Велиу.

Исламската верска заедница неколку децении води судски спор со барање да им се врати Јени џамија за да биде верски објект. Меѓутоа, валоризаторите на културно- историското и архитекстонско наследство, сметаат дека Јени џамија треба да остане музеј со функционални културни активности, како еквивалент на Света Софија во Истанбул што ќе ги помирува  двете религии. Во педесеттите години на минатиот век, Јени џамија беше буквално спасена од историчарите на уметноста и археолозите, зашто тогаш џамијата се користела како магаза, а  комунистичката власт желна за плоштади, му се имала намерачено да ја руши. За среќа,  тоа не се случило.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста