Манастирот во Курбиново недостапен за посетители, допрва чека реставратори

Манастирот “Свети Ѓорги “ во Курбиново, големото христијанско светилиште со ѕидно сликарство вреднувано во светски рамки, никако да го доживее блесокот на туристичката валоризација, ниту сериозно да отпочне процесот на негова заштита. Деновиве, го посетивме за да се поклониме пред светците на овој величествен вакав, но наидовме на несекојдневна глетка. Надлежните за неговата заштита, кои лани до 30 декември нешто работеа, го ставија под каатнец и засега абер нема ниту од најавуваните конзерватори од Германија, ниту од било што друго, иако од Култура се одвоија три милиони денари.

Овој манастир опстојувал долги години, а оваа година е јубилејна и ќе дочекаме 830 години, но како што гледате, затворен е од сите страни со четири катанци. Не знам зошто, бидејќи се вршеле многу реставрации, реконструкции и конзервации, но вака не било. По мое мислење, изведувачот или оној што е поставен од Заводот за заштита на спомениците, го затвори овој простор во и околу манастирот, за да не се гледа овој срам од неработењето. Веќе девет години се реконструира, па вака ако продолжи ќе тераат уште десеттина години- рече Митко Ристевски, кој четириесет години со фамилијата е клучар  се грижи за манастирот.

Од Завод и музеј- Битола, лани ги најавуваа германските конзерватори, но не дошле поради пандемијата. Курбиновци, сметаат дека проблемите за застојот се поинакви.

-Застојот е пред с`е од “газдите“ што се прават на овој манастир од Завод и музеј- Битола. Или немаат кадри, или немаат време, или пак не ги бива за изведување на оваа работа– вели клучарот од Курбиново.

Жалната состојба ја надополни, нашата случајна средба во Курбиново со американски туристи.

-Имавме слушнато пред три- четири години и дојдовме тука со пријатели. Сега бевме во Охрид, па рековме ајде пак да го видиме– рече Андреј Спредли.

Фреските што ги има внатре многу се убави. Кога бевме минатиот пат, беше прекрасно.—Треба да се чува, ама треба и да се види. Нека биде достапно за луѓето– рече неговата сопруга Недин Спредли, кога дозна дека Курбиново е под катанец.

Во црната курбиновска слика, впечатокот го заокружи руинираниот пат за кој три години постои проект, но те бил локален, те регионален, а општинарите сега повторно ја бараат надлежноста, решени да го направат. Па, кој знае? А обезличеноста на вакавот, едноставно, не се заборава.

-Со четири катанци чуван, непристапен ниту за семејството кое со децении го чувало, а уште помалку за намерници од Македонија и цел свет, кои сакаат да го видат. Вака, како што велат домакините, сега му се зема и душата. / ст. ап/

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста