Истражување на МЦМС: Министрите, пратениците и судиите најкорумпирани во граѓанската перцепција
Министрите, пратениците, судиите и цариниците се најкорумпираните во Македонија според граѓанската перцепција, покажало истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Во него стои и дека на секој трети граѓанин му било побрано мито, а секој четврти дал. Високи 65% од анкетираните граѓани кажале дека корупцијата е најголем проблем во општеството. Како пример за висок ризик за корупција е посочена изградбата на коридорите.
- „Неверојатно е да даваме 15 милиони по километар автопат, во ситуација кога пред само неколку години сме направиле автопат по европски стандард, Демир-Капија – Смоквица, за цена од 6 милиони евра по километар. Значи не може, ниту зголемени цени, ниту инфлација да оправда повеќе од 30% покачување, што би дошло милион и пол/два. Не може, 300% покачување, скоро три пари поголема цена“ – Изјави Александар Кржаловски од МЦМС.
Според истражувањето, Државната комисија за спречување корупција ја вратила довербата и надежта кај граѓаните, додека претседателката Ивановска вели, секогаш се може и повеќе.
- „Радува фактот што дека вербата на граѓаните за справување со корупцијата расте, расте и отпорот на граѓаните кои се спротиставуваат на корупцијата, а за нас особено е важно што рејтингот, довербата во државната комисија е речиси дупло зголемен во однос на минатата година.“ – Истакна Билјана Ивановска.
Таа додава дека голем дел од мандатот, изгубиле време за обезбедување услови и ресурси, кои што комисијата требала да ги има пред да почне со работа. Вице-премиерката за добро владеење, Славца Грковска, пак, не се сеќава која е бројката на казнети функцинери, кои го прекршиле етичкиот кодекс во својата работа.
- „Бројката… Не можам во моментот да се сетам… Во секој случај, секогаш сме постапиле, без разлика дали од медиумите, дали од граѓани, дали од државната комисија за спречување на корупцијата. За тоа што го повториле делото, само еден случај, со Артан Груби, јас како вице премиер имам обврска да го информирам премиерот, тоа е направено.“ – Истакна Славица Грковска – Вицепремиер за добро владеење.
Според извештајот кој беше презентиран на „Отворениот форум за антикорупција“, најголем проблем, меѓу другото, според граѓаните е неказнивоста на кривичните дела, особено кога станува збор за корупција.
Никола Цветкоски