Исполнети 25% од капацитетите на Инфективна клиника

Бројот на заразени секојдневно расте но надлежните уверуваат дека до овој момент капацитетите се подготвени да одговорат.

Според информациите на Владата, целиот прв спрат на Инфективната клиника е исполнет, односо 25% од целата зграда на клиниката. Останатите три спрата за сега се слободни.

Воедно Воената Болница исто така е подготвена да прима пациенти заразени со корона вирус. На Инфективната клиника има 110 легла, додека во 8 Септември за евентуален прием на заболени со вирусот има 400 кревети. Сите гинеколошки предмети пак, се препраќаат во клиниката во Чаир.

Присуството на вирусот може да се открие пет до шест дена по контакт со заразено лице. Луѓето не даваат вистински податоци и не се  придржуваат кон самоизолација што според надлежните е сериозен проблем. Се очекува пикот во нашата земја да биде на крајот на април, а кривата на ширењето на болеста кај нас во споредба со други земји во Европа е многу поблага, велат властите.

Во земјава, според здравствените извори, нема автохтоно жариште на болеста, туку потеклото на заразата е од лица што престојувале во странство, па затоа се очекува преземените рестриктивни мерки да дадат резултати во спречување на ширењето на вирусот.

Од Владата бараат сите граѓани максимално сериозно да ја сфатат опасноста од корона вирусот и да ги почитуваат сите наредби. Притоа, се потенцира улогата на медиумите за навремено и професионално информирање во врска со сите околности поврзани со епидемијата.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста