Сите вработени во јавната администрација ќе добијат намалена плата од по 14.500 за април и мај, најави лидерот на СДСМ Зоран Заев. Платите на функционерите ќе бидат сведени на минимум, рече Заев кој објави пакет економски мерки, кои треба да бидат доставени до Владата. Во кое својство Заев како партиски лидер на партијата на власт најавува мерки за намалување на плати за сега останува непознато.

– Сите функционери на државно и локално ниво премиер вицепремиер, раководители, судии, обвинители ќе зeмаат минимална плата од 14.500 денари за април и мај. Истото важи и за јавниот сектор, јавната администрација на државно и локално ниво, ќе зимаат плата од 14. 500 денари за април и мај, рече Заев.

Ова не се однесува на докторите, медицинскиот персонал, полицајците и војниците кои помагаат за справување со коронавирусот, рече Заев. 14.000 денари ќе земаат раководителите и министрите, но од СДСМ го занемарува фактот дека толку плата ќе земаат и администрацијата. Министрите и директорите кои земале 90.000 плата можат да преживеат, но останатите кои досега добивале плата од 25.000 денари сега со 14.000 тешко дека ќе преживеат.

На ова реагираа од опозицијата. Велат дека овие мерки биле за колапс на стопанството и со чие кратење на плати најмногу ќе се удри кај оние со пониски примања.

– Во ист кош ги нареди министрите, директорите и функционерите со работниците со пониски примања на кои сега им вели дека ќе земат иста плата иако претходно имале различни приходи. И додека крати плати на работници не заборави владата да донесе уредба со која ќе може да врват тендери и трошења на пари за да им се полнат џебовите на функционерите на власт. Притоа не скрати ништо ниту од привремените вработувања и илјадниците партиски војници на СДСМ кои земаат пари, а седат дома, велат од опозицијата.

На прес конференцијата Заев рече дека сите мерки се на здрава основа, со финансиски план за реализација, вредни околу 200 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството.

Борис Грујоски