Има пари за апанажи ама нема за медицинските работници, независните синдикати најавија генерален штрајк од март
Државата има пари за апанажа од 2500 евра за Ковачевски и Спасовски ама нема пари за плати за
медицинските работници. На синдикалците им пукна филмот, ако до март не си ги добијат заслужените покачувања ќе стапат во генерален штрајк. Велат дека штом има пари за апанажи, службени автомобили и гориво за политичари, тогаш мора да има и за нив. Бојчевски од Независниот синдикат рече дека ако властите продолжат да си играат со чувствата на здравствените работници во наредниот период размислуваат за целосен бојкот на работата и затворање на сите здравствени објекти.
„Од една страна имаме изјава од министер дека нема да има покачување. Од друга страна од заменик министер кој работи во истото министерство, имаат канцеларии една до друга, вика дека ќе има линеарно покачување на платата на сите вработени во здравствениот сектор, од хигиеничар до доктор. Ако не дојде до ова линеарно покачување, како што самата заменичка министер го кажа, значи ние со координативното тело имаме три опции, протест пауза, затворање на клиники и генерален штрајк“, рече Боби Бојчевски, национален координатор во Независниот синдикат на здравствени работници.
Тој додаде дека проблемот со покачувањето на платите настанал поради тоа што репрезентативните синдикати во здравството, не го потпишале и не го усогласиле колективниот договор во здравствена дејност, со законот за минимална плата. Па така сега оние медицински работници со најнизок степен на сложеност на работа, ќе добиваат поголема плата од оние со средна и висока стручна спрема. Од синдикатот на геријатрија велат дека властите еднаш засекогаш треба да сватат дека парите кои тие ги земаат се на здравствените работници и дека средствата од апанажите на двајцата бивши министри можат да се искористат за да се покријат плати на 15 медицинари.
„Кај двајца политичари апанажата е веќе изгласена и имаат право на истата, а еден од нив се дрзна да бара и службено возило. Владата ги користеше средствата наши, дали за службени патувања, дали за дневници, дали за возила, дали за гориво, нив не ги интересираше од каде земаат пари. Тие пари се наши. Еднаш за секогаш треба да сватат, дека тоа што го земале од нас треба да го вратат. Било кога и да е, а во овој момент сега како што се наоѓа здравството во криза, би требало малку повеќе да размислат затоа што можеме да донесеме одлука не само генерален штрајк туку и бојкот. Значи уште потешко нешто од генерален штрајк. Да се затворат сите здравствени установи, па да видиме сега во оваа епидемија со голема кашлица кои ќе ги лечи“, рече Лазар Костовски, претседател на Независен синдикат на геријатрија.
Кристина Олевска од независниот синдикат рече дека има и лица кои работат и по 13 години и кои се уште не им е решен статусот.
„Сите овие лица од 1 јануари работат без никаков договор. Во овој период се потпишани некои договори, но не знам врз која основа го прават тоа, за некои да има потпишано договори, а некои, а за некои не“, рече Олевска.
Пред три дена заменик министерката за здравство Маја Манолева, вети дека во март повисоки плати ќе добијат лекарите, помошно-техничкиот персонал и административните службеници, во согласност со Законот за минимална плата, најави и усогласување на минималната плата.
Љубиша Владимиров