И пчеларството станува се’ позагрозена земјоделска гранка кај нас

    Покрај огромните проблеми со кои се соочуваат македонските земоделци од безмалку сите земјоделски гранки, и пчеларите мака мачат како својата дејност да ја одржат рентабилна. Дејан Бошкоски е долгогодишен, искусен пчелар, чие семејство преку 25 години се занимава со пчеларство. Но, тој веќе сериозно размислува дали воопшто да го продолжи овој семеен бизнис, бидејќи условите станувале се’ потешки. Вели, климатските промени, нелојалната конкуренција, како и со години непроменетата вредност на субвенциите, си го земале својот данок.

   „Медот, моментално е 500 денари со тенденција и уште да се посакпува нагоре, со тоа што го има се помалку чистиот мед во нашата држава..едно од нелојална конкуренција, но и од климатските промени што се помалку ја има таа медонсона флора…Моментално и ние размислуваме дали воопшто да продолжам со пчеларство, иако имам преку 230 пчелни семејства, дури некогаш размислувам од сето да се откажам и крај-краева и да ја напуштам државата“, – објаснува Дејан Бошкоски, пчелар од Прилеп.

   На македонските пчелари се’ повеќе проблеми им прават и обврските кои што ги имале кон државата, како што е воведувањето на пашарината, а особено воведувањето на клиничкиот преглед на пчелните семејства, кој според пчеларите е потребен, но не во овој период од годината и од недоволно обучени стручни лица.

   „Ние како пчелари не бегаме од обврската за тој клинички преглед и таа е мерка која што ни одговара нас, меѓутоа бараме да биде спроведена од луѓе коишто се обучени во нештото….Значи, оваа мерка се воведува со тоа што ние треба да платиме за тој клинички преглед, Ветеринарната комора има некоја табела, процентуално според бројот на семејствата се плаќа 60 денари. Меѓутоа, методологијата и начинот на кој што нештото се воведува, малку е сомнителен“, – вели Љупчо Ѓорѓиески, претседател на Здружението на пчелари „Братство“ од Прилеп.

   Исто така, македонските пчелари, освен ова, бараат и намалување на ддв-то за набавка на пчерларската опрема од 18 на 5 проценти, како и државата да ја зголеми висината на субвенциите, за кои, како што велат, иако редовно се исплаќале, сепак со години нивната вредност била иста. Ова пак, условувало пчеларството, како земјоделска гранка да биде се’ понеисплатливо, а пчеларите масовно да се откажуваат од оваа дејност.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста