ДЗР: Мерките за студентскиот стандард недоволно ефикасни

ДЗР: Мерките за студентскиот стандард недоволно ефикасни

Студентите во студентските домови имаат несоодветно сместување и исхрана, а мерките за развој на студентскиот стандард кои ги преземаат надлежните државни органи не се доволни, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија за состојбата во студентските домови во земјава.

Ревизорите констатирале значително намалување на сместувачките капацитети во сите домови во периодот 2019-2022 година, односно од 5.812 легла на 4.490 во 2022 година. Исплатата на средствата на државните студентски домови не се врши врз основа на ажурирани списоци за сместените студенти кои се одобрени од страна на Министерството.

„Објектите кои ги користат студентите во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живење. Постои незадоволство на студентите во поглед на исхраната, сместувањето и функционирањето на студентските домови“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Државниот завод за ревизија во соработка со независен експерт спроведе анкета меѓу студентите во која тие го оценуваат сместувањето во студентските домови на скала од 1 до 5. На анкетата одговориле 286 студенти, што е 8, 25% од вкупниот број на студенти во домовите, а просечната оценка е 2. На пример оценката за храната е 2,6, за хигиената 2,4, за техничка опрема 1,6, за интернет 1,8, а условите за учење се оценети со 2,5.

Ревизорите утврдија намалување на бројот на одобрени стипендии, а зголемување на бројот на апликации што укажува на голем интерес од студентите, но постоење на слабости во постапката на доделување на стипендиите.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста