Двојните аршини на судот или политиката- што беше пресудно на Кичеец да му се укине куќниот притвор?

Двојните аршини на судската власт или политиката пресудна за пуштањето на Зоки Кичеец од куќен притвор? Ова прашање се поставува откако беше донесена одлука осудениот во „Рекет“ Зоран Милески, правосилноста на пресудата да ја дочека на слобода. Адвокатот Еленко Миланов се сомнева дека судот нема еднаков третман кон сите учесници во постапките.

-Дека има двојни аршини, веројатно има, затоа што јас никогаш не сум против тоа да на некој обвинет му се укине потешка мерка и замени со полесна, се додека тоа е во рамки на некаква еднаквост помеѓу сите учесници во различни постапки, вели Миланов за Алфа.

Миланов како пример го даде и неговиот клиент Миле Јанакиески, кој веќе долго време е во притвор или куќен притвор, а за неговата слобода биле нудени многу поголеми гаранции од онаа на Зоки Кичеец.

-Обвинетиот Миле Јанакиески се наоѓа повеќе од две години, во притвор куќен притвор, актуелно од 11 луѓе во постапката, само Миле и уште едно лице се наоѓаат во куќен притвор. Нудевме неколку пати гаранции. Според она што го прочитав ако гаранцијата на господинот Милески е околу 200.000 евра, ние нудевме гаранции во двојно повисок износ, но не се уважени, изјави Миланов.

За потсетување, Врховниот суд шест месеци молчеше и не одлучуваше по жалбата за притворот на Душко Лазаров, осуден за настаните од 27 април, и покрај тоа што имаше пет ургенции од страна на неговото семејство.

Слободата на Кичеец дојде откако беше прифатена неговата финансиска гаранција од над 200.000 евра, ова за Алфа го потврдија неговиот адвокат Александар Новаковски и шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска.

Инаку, Милески беше неправосилно осуден на три години затвор за кривичното дело „примање награда за противзаконско влијание“. Досега во затворот во Шутка и во куќен притвор мина речиси девет месеци, кои ќе му бидат пресметани во затворската казна која ќе треба да ја отслужи по правосилноста на пресудата. Тоа значи дека Кичеец во затвор треба да мине уште 2 години и 3 месеци.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста