Пандемија ги испразни храмовите, верниците од балкон ја дочекаа веста за Христовото Воскресение

„Христос воскресе“, да се молиме во срцата за здравје и спасение. Велигден, денот на Христовото Воскресение, е празник на победата и празник на животот. Овој е денот во кој Господ ја објави Својата победа пред очите на народите, и сите краишта земни го видоа спасението. Овој ден е денот на животот, и тоа вечниот живот, денот кој ни донесе радување, коешто никој не може да ни го одземе, порача архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

Без присуство на верници, црквите и храмовите низ Македонија, но и ширум светот, како никогаш досега служеа велигденски литургии.

Богослужби за Велигден имаше во сите православните цркви, и истите се емитуваа директно на телевизија.

Овој Велигден православните верници го прославија дома, наместо овде во црквите, и тоа поради пандемијата која го пустоши светот но и Македонија. Во храмовите на Велика Сабота, присутни беа само свештениците, но и ние од медиумите.

За свештениците, овој Велигден бил необичен, но и чуден без верници. Се надеваат дека ова е прва, но и последна година во ваква атмосфера да се празнува најголемиот христијански празник.

– Оваа година на посебен начин го одбележуваме Велигден, најголемиот христијански празник, но без верници, верувам дека од следната година, сите заедно ќе го прославиме, повторно сплотени пред храмовите и црквите, вели за Алфа, Отец Сашко од Соборниот храм од Скопје.

Со свеќи во рацете, по терасите, но и во дворовите, годинава судбина било најголемиот христијански празник Велигден, да се дочека дома, наместо в црква.

Црвите осамнаа празни, без верници, само со свештеници кои сепак чинот на вртење околу црква, го направија три пати.

Домаќинките веќе ги имаат вапцано јајцата, а по 40 дневните пости, веќе од утре се подготвуваат богати трпези, но годинава само во кругот на семејство. МПЦ веќе повика ноќта на Христовото Воскресение, верниците да излезат на балконите и да запалат свеќа.

Пандемија ги испразни верските храмови и секаде низ светот, каде во вонредна состојба се одвиваше прославата на Велигден, и тоа во период кога речиси 4.5 милијарди луѓе живеат под различни видови на рестрикции.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста