Државното здравство се празни, Филипче крева раменици и апелира да се почитуваат мерките

Двајца инфектолози и три медицински го напуштаат државното здравство – клучната алка во борбата со корона вирусот. Спасот веројатно ќе го бараат во приватните клиники. Шефицата на Одделот за инфективни болести во ГОБ „ 8 септември“ Патриција Каламарас веќе најавила отказ и заминува во приватното здравство. Проблемот со одлив на медицински кадар среде пандемија не запира. Министерот за здравство Венко Филипче вели не успеал да ја убеди да остане оти била решителна во нејзината одлука. Не е премногу загрижен – вели познат им бил процесот на ротација од државна во приватна болница и обратно. Според него заморот од борбата со невидливиот непријател бил единствената причина поради која си заминува медицинскиот персонал. Сестрите што минатиот викенд најавија заминување, потврдиле дека одат во приватни клиники.

  • „Двајца лекари и три медицински сестри согласно моите сознанија заминаа од државното здравство со тие што јас лично сум разговарал“ – изјави Венко Филипче.

ГОБ „8 септември“ во моментов има двајца инфектолози – здравствените власти се уште се во фазата на размислување и разговарање за начинот на кој ќе се зајакне тоа одделение, кое секојдневно прима пациенти заразени од корона вирус. Капацитетите во болниците се пополнуваат и доколку не се почитуваат мерките – следниот чекор ќе биде целосен карантин. Според Филипче сега секој од граѓаните требало да биде сам свој инспектор и полицаец.

  • „Ние сега ги зголемивме ингеренциите на инспекторатите. Ние сметаме дека и со подобра контрола оваа мерка пдообро ќе функционира. Морам да потенцирам дека е огромна одговорност и на граѓаните, сега секој треба да биде сам свој инспектор и полицаец“ – вели Филипче.

Во меѓувреме, состојбата со пандемијата во земјава е алармантна. Бројките на заразени со корона вирус вртоглаво растат, три дена по ред уриваме црни рекорди со над 300 заразени. Вчера регистрирани беа дури 386 пациенти со Ковид 19.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста