Преспа е останата без сместувачки капацитети

Освен скромната понуда на приватни сместувачки капацитети кои се категоризирани и што се бројат на прсти, рак- рана на туристичката понуда во Преспа е дефицитот на хотели, одморалишта, кампови и сите други можности за повеќедневен туризам покрај Преспанското езеро. Повлекувањето на водата од езерото, скромните ресторантски можности и други дефицити за летување или рекреирање, надополнети со овој базичен проблем кој трае со децении, ја создаваат општата слика за оваа дефетистичка сотојба, наспроти потсетникот за едно време кога Претор и Отешево беа едно огромно собиралиште на битолчани, прилепчани, гости од дијаспората и од каде не.

  • Со пропаѓањето на тие капацитети, пропадна сериозна инфраструктура. Кога ја немаш основата, исто е како да си осакатен. За туризмот треба амбиент. Значи, ние триесет години немаме урбанистили планови, што е основата- рече Љупчо Крстевски, поранешен сопственик на “Рибарско село“ во Отешево.

Пред да го загатнеме одоговорот, во овој репортерски запис се обидовме низ објективот на нашата камера да ја доловиме сликата за пропаднатите хотели и кампови во Претор и Отешево, кои бранот на  транзицијата ги збриша како цунами.

  • За овој простор сведочат безброј напуштени хотели и руинирани објекти, кои говорат за времето на транзицијата која однела речиси с`е. Меѓутоа, останува сосема нејасно, како актуелната власт, за овие три години, не посегнала по темелот за решавање на овие проблеми.

Но, кои се сегашните предизвици и сака ли Преспа да развива туризам, или покрај езерото, ќе си остане само земјоделски крај? Кога пред десеттина години централната власт ги одзеде ингеренциите врз земјиштето во цела држава, Преспанското езеро остана без урбанизација, што сега е огромен и скап проблем.

  • Урбанистички план нема, нема ни просторно планирање за целиот регион и е тешко да се инвестира понатаму, па да се доградува и да се прават нови инвестиции, нормално- рече Лилјана Нечовска, сопственик на хотелот “Лејк Вју“ во Отешево. – Првин да се урбанизира местото, па да ги претставиме проектите со урбанистичкиот план и да одиме надвор од Ресен. Ако нема кај нас бизнисмени, има во Скопје, банките имаат пари и некој ќе инвестира- рече поранешниот хотелиер Владо Михајловски.

Урбанизацијата чини многу, но дали актуелната локална власт после три години ќе се одважи темелно да се зафати со овој процес е отворено прашање? Засега, само еден проект во Претор и еден во Долна Преспа со т.н. “Финско село“ се премалку за да се рече дека нешто се прави. Допрва, со преземените надлежности врз државното градежно земјиште, како што вели градоначалникот, ќе се акумулираат пари за финансирање на урбанизацијата и барањето на инвеститори, што ќе рече, Преспа е многу далеку од целосна туристичка понуда.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста