Директорот побара, министерот веднаш прифати – ќе се догради ли хирушката Клиника „Св. Наум Охридски“?
Доградба на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ е единствениот спас за македонската хирургија. Директорот Љубен Арсенков јавно со подготвен проект, побара од премиерот и од министерот за здравство да се догради стариот објект. Според планот на директорот, доградбата би била сместена на паркингот пред болницата, а преку топол ходник би се поврзале пет хирушки сали. Арсенков не гледа друго решение, за да се намали огромниот притисок врз болницата.
“Толку е голема функционалноста на ова ако би го направиле, пет операциони сали со сите светски стандарди е спас за македонската хирургија. Преоптеретени се сите сали, ќе добиеме други простори во болницата, зградата е стара 93 години што и да правиме овде не можеме, секое ќоше го искористивме” – вели директорот на болницата Љубен Арсенков.
Министерот Меџити се согласи со Арсенков дека потребни се промени во болницата, и вети дека ќе го реализира проектот, ама после изборите.
“Сметајте дека ова е завршена работа. Ова ќе биде претставено после изборите на владина седница за овие сали што ги видовме и ги претстави директорот” – кажа министерот Фатмир Меџити.
Дали и како би се обезбедиле пари за доградба на болницата министерот Меџити вели дека „за средства е многу лесно, премиерот бил многу дарежлив“.
Доградбата на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ е последното, од серијата ветувања на министерот Меџити, во десетте месеци раководење со здравството. Главните приоритети досега, му беа паркингот на Клиничкиот центар, нови клинички центри и реновирање на старите, ажурирање на позитивната листа со нови лекови, вработувања на доктори и медицински сестри, повеќе термини на “Мој термин”, но и лекови за болните од цистична фибриоза и хронични заболувања…нешто исполни, но поголем дел од ветувањата останаа нереализирани.
Ања Лукарова