ДИК: 46 пратеници за СДСМ, 44 за ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ 15, Алијанса за Албанците 12, двајца за Левица и 1 пратеник за ДПА

Никој се уште не знае каков точно ќе биде распоредот на силите во законодавниот дом. Симулацијата на Државната изборна комисија, врз основа на првичните неофицијални резултати од изборите од обработени 3.459 од вкупно 3.480 избирачки места покажува дека коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освоила 324.084 гласови кои се доволни да пополни 46 пратенички места.

Коалицијата „Обнова“ предводена од ВМРО- ДПМНЕ треба да има 44 пратеници со добиени 312.745 гласови.

За ДУИ гласале 101.432, па ќе има 15 пратеници. Алијанса за Албанците и Алтернатива добија 76.425 гласови и ќе имаат 12 места. Левица, за која гласале 37.057 граѓани, за првпат влегува во парламентот со два пратеници. ДПА доби 13.553 гласови и ќе има еден пратеник.

СДСМ на овие избори доби речиси 113 илјади гласа помалку и 3 пратенички места помалку, споредено со изборите во 2016-та.

И ВМРО-ДПМНЕ е во минус од 7 пратенички места и скоро 142 илјади гласа помалку.

Затоа, пак партиите од албанскиот блок имаат 12 пратеници повеќе споредено со претходните избори. Сега албанските партии ќе имаат 32 пратеници, а добија 20 во 2016-та.Но претходно албанските партии трчаа на избори самостојно, а овој пат БЕСА имаше заеднички листи со СДСМ, па автоматски доби и македонски гласови.

Во првата изборна единица, СДСМ освои 8 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ има 7 , ДУИ 2, исто колку и Алијансата на Албанците и Алтернатива, додека Левица освои едно пратеничко место.

Во втората изборна единица е изедначено. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ освоија по 7 мандати, додека ДУИ и Алијансата за Албанците имаат по 3-ца пратеници.

Во третата изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ има 10 пратеници, СДСМ 9 и Левица 1 пратеник.

Во четвртата изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат по 10 пратеници.

Во петтата изборна единица по 8 пратеници имаат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, 3-ца пратеници има ДУИ, а Алијансата за Албанците доби еден пратеник.

Во 6-тата изборна единица, најмногу пратеници освои ДУИ – 7, Алијансата за албанците има 6, СДСМ освои 4 пратеници, а ВМРО-ДПМНЕ 2-ца пратеници. Овде и ДПА го освои единственото место во Собранието.

За разлика од ДИК, политичките партии си имаат свои математики. Од ВМРО-ДПМНЕ изброиле дека нивната коалиција „Обнова“ ќе освои 44 пратенички места, а нивниот опонент Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ ќе има еден до двајца пратеници повеќе.

Во СДСМ, пак, пресметале дека имаат предност од 3 пратеници во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Спорд нив, нивната коалиција треба да освои 49 пратенички мандати, наспроти 46-те кои би ги освоила ВМРО-ДПМНЕ.

Засега, во ДИК, остануваат непреброени гласовите од 21 избирачко место.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста