Битолските сточари излегоа на предупредувачки протест

                Ветувањата од власта дека до крајот на месец јуни ќе ни бидат исплатени субвенциите по грло и за откупеното млеко, не се исполнети. Македонското сточарство, а посебно млекопроизводството , се пред колапс и ние повеќе не можеме да издржиме. Доколку до петок не добиеме цврсти ветувања за исплата на парите, фармерите од сите региони ќе настапиме радикално со блокади на сообраќајниците во државата. Ова денеска го рекоа битолските сточари, кои во Битола излегоа на уште еден предупредувачки протест.

-Најавија дека со ребалансот ќе биде исплатено, а гопсодинот Бачовски најави за вгуст. Ние издржавме со крајниот рок иако цело време баравме на рати, а тие не платија. Сега ако можат за десет дена плата, да им е алал ама од тоа не веруваме ништо. За да издржиме не можеме, оти сега сме во борч и само благодарение на земјоделските аптеки и сточарските центри, ако не се тие, не можеме да излеземе на крај- рече  Тони Петковски, потпретседател на Здружението на сточари “Пелагониско поле“

Вчера, при одбележувањето на Денот на задругарството во Асамати, ресорниот министер за земјоделие рече дека со ребалансот на буџетот,на земјоделците  веднаш ќе им бидат исплатени субвенциите, наспроти директорот на Платежната агенција кој велеше дека исплатите ќе се реализираат во месец август.

-Ние сме во директна комуникација со директорот и тој врз основа  на процедурите предвидел дека ќе биде во почетокот на свгуст. Ние се надеваме дека собраниската процедура ќе заврши за 15 дена бидејќи се работи за интерес на граѓаните, а ребалансот се прави токму за земјоделството и се надеваме дека нема да има проблеми од опозицијата- рече министерот за земјоделство Аријаднит Хоџа.

Бидејќи репроматеријалите што директно  влијаат врз млекопроизводството и воопшто врз сточарството, пред с`е добиточната храна, се поскапени речиси за 50%, доцнењето   со исплатата  субвенциите ќе делува уште позагрижувачки, велат битолските сточари. Заради овие проблеми, вечерва во Прилеп ќе се сретнат претставниците на десет земјоделски здруженија од државата, за градење заедничка стратегија во врска со актуелните состојби во овој стопански сектор.

Петар Стефановски