Арсовски: Три нови докази дека тендерот во ЈП Водовод бил наместен

Барање за надзор на реконструкција на постоечки водовод на 24 јули 2020 година, евиденден лист за хлорирање кој истиот ден го потпишал раководителот на секторот за технички работи и развој на ЈП Водовод и канализација, извештај од тестирање квалитет, односно дезинфекција на мрежа објавен на 29-ти септември – опозициската ВМРО ДПМНЕ изнесе уште три докази за, како што велат, незаконското местење тендери. Од партијата алармираат за корупција која ја вршат директорот Весковски и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

„Вчера јавното претпријатие Водовод и директорот Весковски признаа кривично дело, со тоа што во документите што ги пратија самите за избор на најповолен понудувач се гледа дека изборот е вршен на 01.10.2020 година. Целата реконструкција на водоводната мрежа е завршена месец ипол претходно. Фирмата КБК Инженеринг најверојатно во непосреден договор со ЈП Водовод и градските власти договориле да отпочнат и да сработат, што само по себе е кривично дело, да се заврши реконструкција на водоводна мрежа, а дури потоа да има избор на најповолен понудувач и баш тоа да е фирмата која што ја завршила работата претходно“ вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не смее да се дозволи, фирми да добиваат работа без да бидат одбрани како најповолен понудувач како што е случајот со КБК Инѓенериг и Кодинг 2, кои ја завршиле реконструкцијата а дури потоа бил распишан тендер и истиот го добиле тие.

По првичните обвинувања на опозицијата дека се работи за скандал тежок околу 300 000 евра, вчера се огласи првиот човек на ЈП Водовод и канализација кој се закани со тужби доколку Арсовски не се извини јавно. Според Душко Весковски, тврдењата биле лажни и немало ништо спорно во самата процедура, иако документите го покажуваат спротивното.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста