Аларм од стручната фела: Смртноста расте затоа што власта цели 18 месеци не воведе протокол за лекување

Аларм од стручната фела – Власта 18 месеци не најде време да изготви унифициран протокол за лекување на пациенти заразени со корона вирусот, а не успеа ни да обучи млади доктори како да ги лекуваат пациентите на кои им е потребен кислород за да ја пребродат болеста. Специјалистот Андон Чибишев, кој за време на најголемата ковид криза, со месеци работеше во ковид тријажниот центар, вели оти високата смртност од Ковид 19, што ја рангираше Македонија на високото прво место во Европа, се должи токму на недостигот на протоколи за лекување.

„Да седнат и да направат еден протокол којшто ќе го препорачаат на сите здравствени институции по хиерархија од најдолу до најгоре, значи од примарна здравствена заштита до терциерна. Да се знае како се лекува ковид пациент. Не, ковид пациентите на еден начин да ги лекуваат во домашни услови матичните лекари, поинаку да се лекуваат во една болница, па во друга болница друга терапија се дава… Овде во нашево окружување, ќе видите дека сите држави имаат унифицирани протоколи според кои лекарите ги третираат пациентите кои имаат ковид инфекција“, вели доктор Андон Чибишев, токсиколог и претседател на Комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ.

Уште еден голем пропуст на надлежните според Чибишев е тоа што власта доцна набави вакцини протов корона вирусот, што остави простор разни антивакцинални кампањи да се шират по социјалните мрежи.

„Во периодот кога сите организирани, сериозни држави трчаа да набават што повеќе вакцини за да имаат на располагање и различни типови на вакцини и доволен број за да го имунизираат населението, ние правевме некакви договори со некои кинески фирми, па тие ни откажуваа, па ќе ни дадат вакцини, па нема да ни дадат… Па се ослонивме на донации, кои што беа во ограничен број. И мислам дека потфрливме и во мотивирање на граѓаните, баш преку такви кампањи“, додава доктор Чибишев.

И додека регионот масовно го имунизираше населението против Ковид 19, надлежните во земјава со месеци тактизираа околу набавката на вакцините, а доцнеше и вакциналната кампања за подигнување на јавната свест кај граѓаните.

Владата кампањата ја лансираше кон крајот на август кога целосно имунизирани беа над половина милион граѓани. Кампањата за која државата потроши 250.000 евра, мотивираше едвај 15 отсто од невакцинираните граѓани да се имунизираат против Ковид 19. Мало придвижување во имунизацијата имаше кон средината на Август кога стапија на сила мерките за влез во угостителски објекти, молови и на настани со сертификат за вакцинација. Првата недела се вакцинираа и по 14.000 граѓани, но интересот набрзо спласна, па денес едвај 3000 граѓани дневно примаат прва доза од вакцината.

Во Македонија целосно вакцинирани се близу 700.000 граѓани, што е далеку од 1,2 милиони потребни за да се постигне колективен имунитет.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста