Антикорупциска бара од Уставниот суд да образложи зошто ја отфрлил нивната иницијатива

Антикорупциската комисија бара Уставниот суд во детали да образложи зошто ја отфрлил нивната иницијатива со која бараа да се преиспита законот со кој на Американско-турската компанија Бехтел и Енка без тендер ќе и се дозволи да ги гради патните правци од Коридорите 8 и 10. Од антикорупциска велат дека се што било во нивна надлежност направиле. Сепак сомнежите стојат, а ризиците од корупција за кои алармираше комисијата не се елиминирани. Сомнеж отвора и односот на првиот вицепремиер Артан Груби кој ја поздрави одлуката на Уставниот суд.

Уставниот суд е врв, се што било во наша надлежност сме направиле, немаме образложение за одлуката, многу не интересира какво ќе биде тоа образложение, до толку повеќе што нашата иницијатива се засноваше на членови кои се дел од Уставот. Дополнително ни направи сомнеж, благодарноста искажана од Артан Груби кон уставните судии – изјави претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Министерот Бочварски категоричен – не сакал да навлегува во одлуките на Судот. Како министерство им било најважно да се градат квалитетни патишта, а конечните суми ќе се знаеле откако целосно ќе се изготвел проектот.

Зошто не ги послушавте антикорупционерите – го прашаа новинарите Бочварски.

Кој требаше да ги послуша? Тој закон е донесен во Собранието, имаеше иницијатива за оспорување пред Уставниот суд, Уставниот суд одлучи – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Уште од самиот старт, Антикорупциската комисија предупредуваше за можните ризици од корупција во Законот кој предвидува постапка која нема да се заокружи по пат на тендер, туку со директна спогодба со познатиот изведувач на три автопатски делници од коридорите 8 и 10. Оттаму го оспорија Законот пред Уставниот суд кој пресече – а одлуката беше поздравена и од лидерот на ДУИ Али Ахмети. Од Владата уште летото укажуваа дека доковорот ќе овозможел брз. Чист и ефикасен процес, а „Бехтел и Енка“ ќе ги гради делниците на потегот Тетово-Гостивар-Кичево, и Струга-Ќафасан од Коридорот 8, но и од Прилеп до Битола и тоа од физибилити студија, финансиска проекција до целосна изведба.Според тогашните најави на Владата, преговорите со „Бехтел и Енка“ треба да започнат веднаш откако Законот ќе стапи во сила, иако денеска Бочварски напомена дека договор се уште не бил постигнат.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста