Ново енергетско фијаско – „ЕСМ“ не достави понуда ниту на четвртиот тендер на „ЕВН Хоум“

Пропадна и четвртиот по ред тендер на „ЕВН“ Хоум откако „ЕСМ“ иако најави, не достави понуда за струја за снабдување на домаќинствата. Претходно, „ЕСМ“ не се јави зашто немаше оформено цена која ќе ја понуди, но Владата пред два дена на затворена седница донесе одлука за новата цена, па сега проблемот се јави во времетрањето на тендерот. Како дошло до ова несогласување објаснување нема.

  • Одлуката од Владата во однос на препорачаната цена и количини на електрична енергија со кои АД ЕСМ треба да се јави на тендерот на „ЕВН Хоум“ за 2022 година се однесуваат на 6 месечен период, додека актуелниот тендер на „ЕВН Хоум“ е распишан за 12 месечен период. Од тие причини А.Д. „ЕСМ“ денеска не поднесе понуда и ќе се јави на следниот повик на универзалниот снабдувач кој треба да се однесува на периодот јануари-јуни 2022 година.

Неофицијално проблемот е и што „ЕСМ“ нема обезедено доволно струја со која би се покртиле 100% од потребите на граѓаните и малите потрошувачи за сите 12 месеци. Според информациите, следниот тендер ќе се одржи на 14 декември и ќе се однесува за период од шест месеци.

Инаку, ниту на претходните три последователни тендери „ЕСМ“ не поднесе понуда, тогаш причина според државните електрани беше тоа што не била изготвена пресметка за предлог цената по која ќе се продава струјата на Универзалниот снабдувач.

Македонија е пред сериозна енергетска криза – граѓаните не можат да си ги платат сметките, владата да го прифати планот на опозицијата за да не се почувствува ценовниот шок, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

  • Во Собранието се разговара за продолжување на енергетската кризна состојба. Македонија е пред сериозна енергетска криза, а граѓаните мака мачат како да си ги платат месечните сметки, кои од месец во месец растат се повеќе и повеќе. Цените и немаштијата се повеќе се зголемуваат, а граѓаните едвај крпат за да ги купат основните намирници, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, од први јануари струјата најверојатно ќе поскапи за околу 10%, а последниот збор ќе го има Регулаторната комисија за енергетика.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста