Анкета на ИПИС: Расте незадоволството од мерките на власта во борбата со Ковид-19
Граѓаните разочарани од владините мерки во борбата против корона вирусот. Речиси половина од населението смета дека Македонија многу полошо се справува со опасната болест од земјите во Регионот. Ова го покажува последната анкета на Институтот за политички истражувања од Скопје.
Истражувањето покажува дека за разлика од април кога 39,7 отсто од испитаниците биле задоволни од работата на надлежните, во јуни таа бројка е 17,2 отсто. Незадоволството од работата на властите исто така порасна речиси тројно – во април 12%, а во јуни 32% одговориле дека не се задоволни од работата на надлежните.
Незадоволството во јуни е исто така поголемо во однос на април и за тоа како Македонија се справува со кризата во споредба со земјите од регионот – 48,3% сметааат дека тоа го правиме полошо, за разлика од април кога 17,1 отсто од испитаниците одговориле дека сме послаби од земјите во соседството.
Резултатите од анкетата покажуваат дека мнозинството граѓани сметаат дека не ни се потребни избори сега. 24,8 проценти од анкетираните кажале дека се за евентуални избори на почетокот на јули за да има целосно функционални институции. Наспроти ова 40, 2 проценти се со став дека избори треба да има на крајот на август или септември со цел да се намали ризикот од новозаразени и да се обезбеди поголема излезност.
Испитувањето на јавното мислење е спроведено од 2 до 5 јуни на 1.100 полнолетни испитаници во Македонија.
Адријана Алексиеска