Алфа телевизија влезе меѓу заразените на Инфективна: Ковид 19 постои и не е шега, да ги почитуваме препораките за што побрзо да се врати нормалниот живот

Екипата на Алфа телевизија влезе во црвената зона на Инфективната клиника, каде лекарите и медицинскиот кадар секојдневно се борат за животот на пациентите заразени со Ковид 19. Клиниката е поделена на зелена и црвена зона. Во зелената работите течат речиси нормално, но за да се мине во забранетата зона, каде се лекуваат заразените од коронавирусот, мора да имате целосна заштитна опрема. Домаќини на екипата на Алфа беа доктор Илир Демири и сестрата Николина.

Во црвениот дел, поразговараме со Љубиша Савевски, кој го победил коронавирусот и три недели откако бил примен на интензивна нега на Инфективна, деновиве ќе си замине дома.

-Чувствував секоја храна ми горчеше, на време ме донесоа. После третиот ден докторот со неговиот тим јако ги смени системите. За три дена после видовме светна една циста на мене, кислородот веќе беше ослободен од мене. Значи, докторот со неговиот тим јако работеше на мојот случај. Се мислам дека сум излекуван веќе, негативен сум. И вториот тест е негативен, вели Савевски.

Љубиша ги повика луѓето да внимаваат пред се , поради своите најблиски, вели оваа болест не нималку наивна

-Секој да се пази, кај оди што јаде, кај седи и со кого седи. Ги видов од прозор во понеделникот. Нема посета, моите се негативни дома сите. Да, семејството ми фали многу, затоа кажувам дека треба секој да внимава заради семејството негово, порачува Савевски.

Покрај пациентите со потешка клиничка слика, на Инфективна се лекуваат и оние чија состојба е далеку подобра. Пред камерата на Алфа заразените со Ковид 19 ги повикуваат граѓаните да се придржуваат до мерките, за што побрзо да се врати нормалниот начин на живот.

-На работа кај нас имаше случај позитивен и сите се дистанциравме освен на работа што одевме и еден ден ми се слоши, болки во грб, во стомак, раце, нозе, се и викам да се тестирам не знам што се дешава… Да јас  верував, се пазев, ама се заразив, сега тоа е што. Нека се стегнат уште малку, па после да живееме понормално, вели еден од пациентите.

-Па ги добив првите симптоми, покачена телесна температура, утре дента бев веднаш да направам тест и беше позитивен. Два дена, три имав температура потоа се јавив на Инфективната клиника, дојдоа со Брза помош ме земаа, еве веќе 12-ти ден сум тука. Не знаеш од која страна и како ќе дојде, вели една пациентка.

Доктор Илир Демири, кој секојдневно со цела своја сила се бори за здравјето на заразените, порачува граѓаните да ги почитуваат препораките, и вели оваа болест навистина постои и е доста сериозна.

-Ентузијазмот е голем, желбата на луѓето да помогнам, не само за мене лично туку на целиот персонал. Има максимална посветеност од колективот кон болните. Јас цело време кажувам дека се работи за сериозна болест, треба мислење да земаат од лекари кои работат со оваа патологија и да не се осмелуваат да даваат коментари за нешто што не го разбираа, вели доктор Илир Демири.

Вели граѓаните кои не ги почитуваат препораките, покажуваат непочитување и кон целиот медицински кадар, но пред се, кон самите себе.

-Жалосно е што во инфективни заболувања болеста може да ја пренесат на други. И што е најтрагично ние комуницираме со тие што ги сакаме, па ги заразуваме тие што ги сакаме најмногу, вели доктор Демири.

Во моментов на Инфективна клиника со последниот примен пациент утринава има вкупно 59 заразени со корона, од кои двајца се на неинванзивна вентилација со маски.

Ова беше сликата од Инфективната клиника, каде лекарите и целиот медицински кадар деноноќно се борат за здравјето и животот на граѓаните. Ковид 19 е сериозна болест и поради тоа мора да се почитуваат препораките на медицинските лица. За што побрзо да го победиме ова зло.

Новинар: Матеја Петровски

Снимател: Дејан Младеновски

Монтажа: Анета Цветкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста