Агенцијата за млади и спорт со нова предизборна мантра – по четврт пат ќе го „гради“ покриениот базен во Прилеп ?! –

Агенцијата за млади и спорт со нова предизборна мантра – по четврт пат ќе го „гради“ покриениот базен во Прилеп ?! –

Изградбата на покриен базен кој на прилепчани им се ветува уште од 2005-та година, а во 2017 и 2019 беше еден од капиталните предизборни проекти на СДСМ, на стартот од оваа изборна година, пак станува актуелна. Овој пат преку Агенцијата за млади и спорт која деновиве испратила допис до 14 општини, помеѓу кои е и Прилеп, да обезбедат простор, согласно наведени критериуми, како би се реализирал Проектот „Изградба на 14 пливачки базени во Македонија“. Основниот проект бил изработен, а и средствата биле обезбедени.

   „Објектот треба да се постави во склоп на веќе посоечки спортски комплекс, училишен двор или други објекти согласно локациските услови. Да има рамна конфигурација на теренот и решен сообраќаен пристап. Објектот е наменет за спортови на вода, обука на непливачи, тренинг на деца и спортисти во понапредна фаза од пливањето, но и за рекреација на локалното население од сите возрасти. Базенското корито е со димензии 25 x 8,80 метри, а длабочината од 0,8 метри до 1,4 метри. При проектирањето применети се препораките, стандардите и нормативите на Светската пливачка федерација FINA, се наведува во дописот од Агенцијата.

  И сето ова не би било ништо чудно ако прилепчани вакви ветувања не добиваат  од пред 20 години. Тогаш, т.н. Олимписки базен требаше да се гради на просторот од некогашната Зоолошка градина. Но, до денес, базен – таму нема. Потоа, во 2017 година, како кандидат за градоначлник од СДСМ, Илија Јованоски, најави нова локација – руинараната Спортска сала „Македонија“.

 „Ние сме овде, пред сала „Македонија“ да го промовираме новиот проект кој ќе се вика „Здравствено-спортско рекреативен центар со покриен базен“. И ќе биде направен токму на ова место“ – кажа Илија Јованоски – екс- градоначалник на Прилеп (октомври 2017 год.).

   Само две години подоцна, несудниот базен се најави и на трета локација. Во населбата „Точила“, како дел од поголем Спортско-рекреативен центар и кој требаше да биде завршен до јули 2021 година. А беа одвоени и 120 милиони денари од тогашниот општински Буџет. И од овој базен, досега – нема ништо.

  „Значи, се прави проектната документација, Основниот проект е направен и за Детската градинка, и за Покриениот базен, така што тоа ќе биде во населба „Точила“– изјави екс-градоначалникот Илија Јованоски, (октомври 2019 год.).

   За последната најава пак, околу изградбата на фамозниот базен, деновиве со свој статус на социјалните мрежи се пофали и прилепскиот праеник од СДСМ, Миле Талевски, префрлајќи ја топката кај сега актуелното градско раководство да се вклучело во реализацијата на овој проект, оти тие си достоиле на зборот.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста