„Патриотот“ Ковачевски е минато: Сега стана југоносталгичар, сака Македонија да ја направи Југославија

Југоносталгијата на Димитар Ковачевски не е ништо повеќе од обичен гол популизам и обид за додворување до она традиционално гласачко тело на СДСМ, кое по се изгледа власта почна да го губи. Според аналитичарот Александар Ристевски, изјавите околу стандардот и самата поранешна државата е доказ за паниката кај власта, поради се посигурниот пораз на следните избори.

-Факт е и дека и нив почнува да ги губи и тука мислам дека и повеќе од очигледна е паниката, самите се свесни дека нивните деца тешко живеат, дека нивните внуци се иселуваат во странство и мислам дека тоа е само еден вид гол популизам, вешт маркетинишки обид да се затскрие нивното тонење и можно целосно губење од политичката сцена барем во блиска иднина, изјави Ристевски за Алфа.

Инаку Ковачевски почна да ја споменува Југославија последниве неколку дена, во моменти додека неговиот рејтинг е во слободен пад, па така беше и во Братислава, каде премиерот си евоцираше спомени од според него некои поубави времиња.

-Дали би било можно да се создаде организација како ЕУ, само меѓу балканските земји? Имаше таква организација, се викаше Југославија. Стандардот на Југославија беше 10 пати од стандардот на Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија, Романија заедно. А стандардот на вашите земји, затоа што тука гледам луѓе од Словачка, од Чешка сега е подобар само затоа што сте членки на ЕУ, изјави Ковачевски.

Речиси истата изјава премиерот ја даде и пред шест дена, само тогаш од прес центарот на Владата, дополнувајќи дека ќе ја доведел и Македонија до тоа ниво.

-Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка, од Чешка, и од Романија, и до Полска и од Бугарија и од сите земји кои што станаа земји членки на ЕУ. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки, кој што ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард, порача Ковачевски.

Инаку, оваа нова реторика на Ковачевски доаѓа во моменти кога истражувањата на јавното мислење покажуваат дека тој има речиси тројно помал рејтинг од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, а неговата СДСМ речиси двојно помал рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред да му се разбуди југоносталгијата, кај Ковачевски беше разбуден патриотизмот, што според аналитичарите исто така беше обид за колку толку кревање на рејтингот и тргнување на вниманието до скандалите поврзани со Бехтел и Енка.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста