Нова аудио бомба- компромитиран брат на судијка кој барал 6 милиони евра рекет од Камчев

Две аудио снимки денеска беа објавени на Јутјуб со наслов Васил Димишков 1 и 2, име исто со адвокатот Димишков, брат на судијката Весна Димишкова, кого бизнисменот Орце Камчев и неговата како сведоци во случајот „Рекет“, го споемнаа како посредник во барање пари. Бизнисменот Камчев во суд тврдеше дека Димишков го предупредил дека е под посебни истражни мерки и како што тврдеше Камчев му било побарано 100.000 евра за првата информација. Во првата аудио снимка на Јутјуб, објавена денеска двајца соговорници зборуваат за суми од 3 до 9 милиони евра.

-Ако разговараме за цифра 5 милиони, 8 милиони, 4 милиони, 3 милиони, 9 милиони. Јас зборам за 5 милиони, за целата работа после ќе разговарам директно со него, вели еден од говорниците во снимката објавена денеска.

Скоро исти суми, посочи и обвинителката Вилма Русковска, кога пред речиси една година ја обелодени аферата „Рекет“ во јавноста, објаснувајќи која сума пари била барана од бизнисменот Камчев, за да се олесни неговата положба во случајот „Империја“.

-Биле побарани вкупно 8.000.000 евра за да се запре истражната постапка, а доколку таа не биде запрена, тогаш во насока на изнаоѓање на олеснителни околности, сведокот требал да им исплати 5.000.000 евра, а со тоа што веќе дадените 1.000.000 во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4.000.000 евра било договорено да се исплаќаат суксесивно, изјави Русковска во јули 2019 година.

Разговорот денеска објавен на Јутјуб, посетува и на сведочењето на Ана Камчева, кога во декември лани сведочеше во судот.

-Ми рече и дека неговата сестра Весна Димишкова е во блиски односи со Лиле Стефанова, дури се повикуваше и на некои амбасади. Поради тоа што мојот сопруг излегол на насловната на „Форбс“, тој рече дека би не чинело 2, 4 или 8 милиони евра, изјави на 10-ти декември Ана Камчева.

Сопругата на Камчев, кога сведочеше за „Рекет“, посочи дека на сите средби, со неа бил Зоран Милески Кичеец. Димишков се појави како сведок во судот, но неговиот исказ се однесуваше дека Камчеви наводно го барале да им биде дел од адвокатскиот тим. На двете аудио снимки се слушаат двајца машки соговорници. Алфа се обиде да стапи во контакт со адвокатот Димишков, за да го праша дали неговиот глас е на снимката, но тој не одговори на нашите повици. Вчера Кривичниот суд, Боки 13 и Катица Јанева ги осуди на 16 години затвор. Бојан Јовановски во судот кажа дека парите од рекетот завршиле кај браќата Заеви.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста