Националното обележје за македонските села станува старт ап канцеларија – клуч на врата за уште една туристичка атракција

Затворени порти, празни сокаци – уникатниот македонски локалитет „Македонско село“ оставен на забот на времето. Повеќе од година и половина комплексот „Македонско село“ е затворен, а несомнено беше една од најатрактивните и најпосетувана туристичка локација во главниот град, не само од странските туристи, туку и од локалното население.

На падините на Водно, на само 5 километри од Скопје се наоѓа комплексот кој со години на посетителите им ја пренесуваше автентичната македонска приказна. Сочинет од 12 тематски куќи во кои беа претставени различни региони од земјава, комплексот кој беше најпосетувана туристичка локација во градот и предизвикуваше силни емоции кај посетителите. Барем така раскажуваат туристичките работници.

„Имаше тетовска куќа, имаше беровска куќа, имаше кумановска куќа каде што ние имавме можност дана туристите кои што не можеа да ја посетат цела Македонија тука да им објасниме како изгледа едно село во беровско, село во кумановско, каде што добиваа информација за изгледот на нашите села. Беше интересен момент и ние уживавме во тоа да можеме да им го претставиме на нашите гости“, вели Димитар Кавраков, претседател на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници.

Оние кои ја посетиле се уште ја паметат автентичната архитектура, приказните од старите краишта, тесните сокаци и мисирот на традиционалната македонска храна во ресторанот кој даваше неповторлив поглед на Скопје.

„Ресторанот којшто имаше прекрасен поглед на градот, наместен ентериерот во прекрасен македонски изглед внатре, вината прекрасни кои што ги содржеа во ресторанот им даваа посебно задоволство, кое што може да кажам многу тешко ни беше да кажам дека многу тешко ни беше да кажаме ајде доволно е ајде да си одиме“, додава Кавраков.

Покрај автентичните градби, посетителите можеа да уживаат во старите занаети – во кругот на селото функционираа работилница за филигран, грнчарска работилница и ткајачница. Работилниците беа сместени во долниот дел од куќите, а над нив имаше и соби за престој. Во битолската куќа, на пример, имаше грнчарска работилница, а гостите имаа единствена можност да ги испробаат своите грнчарски способности со помош на локалниот занаетчија.

И покрај големиот интерес од посетителите, комплексот Македонско село беше затворен во октомври 2018, а концесионерот се правдаше оти немал економска исплатливост да го работи.

Сега Владата најавува дека локацијата ќе се рестартира, но според најавите и ќе се преименува, па наместо македонско, ќе стане старт ап село.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста